Македонија
20. October 2022 - 16:45

МНР реагираше за спорната декларација на Благоевград

По два дена од декларацијата на општинскиот совет во Благоевград, македонското МНР испрати реакција.

Обидот да се забрани отворањето на македонскиот центар Никола Вапцаров и неговото квалификување како бугарски поет, МНР го оценува како уште една провокација која е спротивна на целите да се градат добри соседски односи помеѓу двете земји.

Министерството за надворешни работи ги осудува непримерните квалификации во содржината кои се однесуваат на македонскиот народ. Уште еднаш потенцираме дека интерес на двете држави и на сите граѓани е унапредување на добрососедството и во оваа насока ги охрабруваме и локалните власти, но и сите други здруженија и групации за посебен фокус кон активности кои создаваат пријателство, меѓу-гранична соработка, економска, културна и туристичка размена, соодветно на духот на европската  соработка, посочуваат од МНР

Денеска и бугарското МНР возврати на последните провокации на нивниот европратеник Џамбаски. Во обид да се дистанцираат од Џамбаски, бугарското министерство смета  дека неговите  навреди им штетат на Бугарите во Македонија  

Потенцираме дека секакви јавни изјави кои ја навредуваат или провоцираат другата страна се апсолутно неприфатливи. Тие не ја претставуваат официјалната позиција на бугарската држава, и обиди да бидат претставени како такви се некоректни и знак на недобронамерност. Таквите изјави не се во интерес на Бугарите во Северна Македонија, се вели во соопштението на бугарското мнр

Преписките помеѓу двете министерства доаѓаат во период кога Македонија се уште бара начин како го спречи отворањето на ново најавените бугарски културни центри со спорни историски имиња.

Законското решение кое го поднесе ВМРО-ДПМНЕ ќе се носи по скратена постапка со поддршка и од пратениците на СДСМ. Министерот за правда сепак вели дека решение за веќе отворените клубови во Охрид и Битола ќе се бара откако ќе се усвои законот

По детални анализи и комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека бугарскиот центар Ванчо Михајлов го вознемирува македонскиот народ, а здружението доби рок од 45 дена да ги отстрани сите спорни елементи во името, статутот и програмата. Два дена подоцна претседателката на комисјата Весна Бендеска доби смртни закани од првиот човек на Фондацијата „Македонија“, бугарскиот државјанин Виктор Стојанов, кој преку фб повика на нејзина ликвидација