Македонија
17. јуни 2026 - 12:16

Млекарите од Пијанец најавуваат блокади на патиштата, а млеко ќе се дели гратис, наместо да се истура

Млекопроизводителите од Пијанец најавија масовни протести со блокади на патиштата, доколку не се реши проблемот со откупната цена на кравјото млеко. Велат дека имаат поддршка и од фармерите од останатите општини и сточарски региони, а на овој чекор се одлучиле зашто се уценети од откупувачите. Имено, откупната цена од почетокот на годината се движеше од 24 до 29 денари за литар, во зависност од квалитетот, содржината на масти и протеини, како и од млекарницата со која соработува производителот. Сега млекарите бараат да им се носи по цена од 20 денари, што е далеку од рентабилност, зашто според пресметките на фармерите производната цена е близу 30 денари.

  • (Сточарот) да го пласира на пазарот со некоја цена што ќе биде добра за сите, да може да ги покрие своите основни трошоци и да може да му остане за скромен живот.  Ќе излеземе сите на протест, меѓутоа млекото нема да се фрла, да се расипува, млекото ќе биде поклонето на сите случајни минувачи, кои ќе чекаат да се пушти патот поради протестот, изјави млад фармер од село Град, Делчевско.

Бараат поддршка од државата за решавање на нивниот горлив проблем, зашто во спротивно никој млад човек нема да се одлучи да работи сточарство и ќе биде приморан својата егзистенција да си ја бара во странство.

  • Крајно време е државата да го врати она што треба, да го поддржи земјоделецот, сточарот, зашто без храната сме никој и ништо, се потекнува од земјоделството, ратарството, додаде фармерот.

Втор проблем е што фармерството за многу семејства го носи основниот приход повеќе децении и тие професиолнално се занимваат со производство на млеко.

  • Луѓе кои се занимаваат повеќе од 20-30 години со таа дејност, како луѓето позади мене, веќе е потешко да се преориентираат на друг бизнис или да пронајдат друга работа, изјави младиот фармер.

Фармерите додаваат дека Владата субвенционира по 3 и пол денари за предаден литар кравјо млеко, но сепак тоа не е доволно доколку откупувачите постојано ја намалуваат цената.