Милановиќ со критики за францускиот протокол: Вучиќ не требаше да биде сместен пред Пленковиќ на воената парада во Париз

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска оцени дека е неприфатливо тоа што српскиот претседател Александар Вучиќ на воената парада во Париз на 14 јули бил сместен во првиот ред, пред хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, додавајќи дека станува збор за прашање на државен протокол, а не за односите со Србија.
– Не може претседателот на Србија да седи во првиот ред пред хрватскиот претставник. Тоа не е прашање за Србија, туку за државниот протокол. Ако тоа е европска манифестација, тогаш на Пленковиќ не му е местото во вториот ред, изјави Милановиќ пред новинарите по одбележувањето на 160-годишнината од Вишката битка.
Тој додаде дека истото важи и доколку станува збор за состанок на „Коалицијата на подготвените“ или на НАТО.
– Ако е „Коалиција на подготвените“, повторно не може. Ако е НАТО, повторно не може Пленковиќ да биде зад Вучиќ, рече Милановиќ.
Според него, Вучиќ можел да биде поканет, но не и да биде сместен на начин како што било направено.
– Французите имаат посебни сметки со Србија и сето тоа го прават како ние да не постоиме, рече Милановиќ, алудирајќи на француската продажба на борбени авиони „Рафал“ на Србија, откако претходно истите авиони ѝ беа продадени и на Хрватска.
Милановиќ ја нарече парадата во Париз „приватна претстава“ на францускиот претседател во заминување, оценувајќи дека таа претставува психолошка подготовка за конфликт со Русија.
Тој истакна дека, според него, Русија не претставува реална закана за Европа.
– Европската Унија целосно западна во стагнација. Ништо не се случува ниту на социјален, ниту на економски, ниту на културен план. Се занимава исклучиво со разговори за војна и со финансирање на военото производство, рече Милановиќ.
Тој оцени дека од Русија нема директна опасност за европската територија, безбедноста, мирот, имотот и животите на граѓаните, но предупреди дека конфликт може да биде предизвикан.
Милановиќ ја критикуваше и продажбата на оружје на Србија.
– На Србија ѝ продаваат оружје – и нам и на Србија. Сакам нашите луѓе да бидат свесни за тоа. Зарем во нивните очи сме будали на кои ќе им продаваат оружје малку ним, малку нам, а на крајот сите заедно ќе нè удираат по глава? Јас не ја гледам политиката на таков начин, рече тој.
Хрватскиот претседател порача дека земјата се наоѓа во поволна геополитичка положба и треба да извлече корист од тоа, наместо, како што рече, да се турка „онаму каде што никој и не ја забележува“.
– Треба да бидеме во мир, далеку од сите жаришта и конфликти и од тоа да извлечеме корист за себе, а не да се туркаме како несмасни деца, заклучи Милановиќ.
МИА
Ново на Сител
-

Хоџа: Проектот за филтер-станицата во Вруток е завршен во 2014 година и е предаден на ЈКП „Комуналец“
-

Мортус пијан возач со 4,35 промили алкохол во крвта фатен во Делчево
-

Герасимовски: Ги повикуваме младите да аплицираат, досега е исплатена 71 субвенција за возачка дозвола во Центар
-

Две возила утрово опожарени на „Џон Кенеди“ | ВИДЕО
-

Ѓорѓиевски: Скопје го гради својот најголем еколошки штит
-

Невремето предизвика пожари, паднати дрвја и прекини на струја во Куманово и Старо Нагоричане
-

Миланов: Останува во сила забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод
-

Засилени безбедносни мерки и посебен режим на сообраќај во Охрид по повод посетата на индиската претседателка
