Миланов: Водата во Гостивар не смее да се користи до добивање на лабораториските резултати

Водата во Гостивар не смее да се користи ниту за пиење ниту за подготовка на храна сè до добивањето на лабораториските резултати, истакна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција за состојбата со водоснабдувањето во градот.
На прашањето како функционираат рестораните, кафулињата, градинките, болниците и другите установи во услови кога е забранета употребата на водата, директорот рече дека инспекторите на Агенцијата веќе вршат засилени контроли на терен.
- Самите ресторани се должни да обезбедат техничка вода. Сè што доаѓа во контакт со храната, приборот и подготовката на храната мора да биде обезбедено со безбедна вода. Зборуваме за ресторани, кафеани, бурекчилници, сендвичарници и сите оператори со храна. Доколку се утврдат неправилности, тие ќе сносат одговорност и ќе бидат санкционирани. Водата не смее да се користи ниту за пиење ниту за технички намени сè до добивање на лабораториските резултати. Ова важи и за болниците, домовите и јавните установи. Секаде мора да биде обезбедена безбедна вода - рече директорот, дополнувајќи дека лабораториските анализи се во тек и се чекаат официјалните резултати.
Одговарајќи на прашање за информациите што ги објави Обвинителството, според кои во водата биле пронајдени 2.419 колиформни бактерии на 100 милилитри, тој рече дека не сака да ги коментира бројките додека не завршат анализите.
- Не сакам да давам лично мислење. Тоа е предмет на истрага на МВР, криминалистичката полиција и Основното јавно обвинителство. Осомничените ќе бидат испитани и тие ќе треба да ги образложат причините за своите постапки. Она што секој разумен човек го знае е дека вакво нешто не смеело да се случи - изјави директорот.
На новинарско прашање за причините за загадувањето и информациите дека спорниот приклучок бил поставен за зголемување на притисокот на водата, директорот рече дека тоа ќе го утврдуваат истражните органи.
- Тоа е предмет на истрага на МВР, криминалистичката полиција и Основното јавно обвинителство - рече Миланов.
Во однос на снабдувањето на населението, директорот посочи дека институциите и домашните производители веќе обезбедуваат дополнителни количини вода.
- Според информациите што ги имам, Владата обезбедила околу 50 тони вода, а производителите на флаширана вода веќе вршат дистрибуција кон граѓаните - рече директорот.
Дополни дека очекува во најкус можен рок граѓаните повторно да добијат безбедна вода за пиење.
- Веќе се преземаат активности за дезинфекција и прочистување на системот - рече тој.
МИА
Ново на Сител
-

Миланов: Останува во сила забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод
-

Засилени безбедносни мерки и посебен режим на сообраќај во Охрид по повод посетата на индиската претседателка
-

Маж со нож повредил двајца туристи пред влезот на Акропол во Атина
-

Меси им кажал на соиграчите дека финалето на СП 2026 е неговиот последен натпревар за Аргентина
-

Силно невреме го погоди Стар Дојран, десетици дрвја на повеќе локации оштетија настрешници, возила, покрив
-

Индиската претседателка Друпади Мурму во официјална посета на Македонија
-

Обвинителство: Водата во Гостивар е многу загадена и не може да се употребува за ниту една намена, отворена истрага против три лица
-

САД воведуваат нови 50-процентни царини за дел од канадските производи, ескалира трговскиот спор со Канада
