Миланов и Серафимовски во Србија: Зајакнување на соработката и олеснување на прометот на животни и производи меѓу двете земји

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов, заедно со Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, со стручни тимови од двете институции, остварија официјална посета на Република Србија, во чии рамки се сретнаа со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Србија, проф. д-р Драган Гламочиќ, како и со потпретседателката на Владата на Република Србија и министерка за стопанство, Адријана Месаровиќ.
Во фокусот на разговорите беа натамошното унапредување на соработката во земјоделството, ветеринарството и безбедноста на храната, како и создавањето услови за побрз, поедноставен и побезбеден промет на стоки меѓу Македонија и Србија.
На средбата со министерот Гламочиќ посебно беше разговарано за увозот, извозот и транзитот на живи животни, производи од животинско потекло и други земјоделско прехранбени производи од двете земји, како и за практичните прашања со кои се соочуваат операторите при нивниот прекуграничен промет.
Посебно внимание беше посветено на можностите за забрзување и поедноставување на ветеринарните и фитосанитарните постапки, при целосно почитување на стандардите за здравствена заштита на животните и безбедност на храната. Беше разговарано и за контролата на млекото и млечните производи и за потребата од поефикасна координација на надлежните служби.
Значаен дел од разговорите беше посветен и на примената на договорите и механизмите воспоставени во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, особено во областа на ветеринарството, фитосанитарната политика и безбедноста на храната и храната за животни. Иницијативата е насочена кон олеснување на движењето на стоки и намалување на административните процедури во регионот.
Воедно, беше разговарано и за примената на механизмите во рамките на ЦЕФТА, со цел натамошно олеснување на трговијата, поедноставување на процедурите, подобра размена на информации и документи меѓу надлежните институции и намалување на времето на задржување на пратките на граничните премини.
Министерот Серафимовски ја истакна важноста на практичната соработка меѓу институциите на двете земји и потребата договорените механизми да дадат конкретни резултати за земјоделците, производителите и компаниите, преку побрз проток на стоките и отстранување на непотребните административни бариери.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, ја потенцираше потребата од непосредна и континуирана комуникација меѓу ветеринарните служби на Македонија и Србија, особено во однос на увозот, транзитот и извозот на живи животни и производи од животинско потекло.
Беше нагласено дека директната комуникација и навремената размена на информации меѓу надлежните институции се од особено значење за брзо решавање на евентуалните пречки во прометот, притоа задржувајќи го високото ниво на контрола и заштита на здравјето на животните и безбедноста на храната.
Во рамки на официјалната посета, Серафимовски и Миланов остварија средба и со потпретседателката на Владата на Република Србија и министерка за стопанство, Адријана Месаровиќ, на која беше разговарано за натамошно унапредување на економската соработка и создавање нови можности за поврзување на компаниите и производителите од двете земји.
На средбата беше истакната заедничката определба за олеснување на трговијата, отстранување на бариерите и создавање попредвидливи услови за стопанските субјекти, како и за искористување на потенцијалот за заедничка соработка и настап на регионалните и другите пазари.
Соговорниците се согласија дека добрите односи меѓу Македонија и Србија претставуваат цврста основа за уште поинтензивна соработка во земјоделството, ветеринарството, безбедноста на храната и стопанството.
Официјалната посета ја потврди заедничката определба преку директен институционален дијалог, ефикасна примена на договорените механизми и конкретни оперативни решенија да се обезбеди побрз и поедноставен проток на животни, производи и стоки меѓу двете земји, во интерес на земјоделците, компаниите и граѓаните на Македонија и Србија.
Ново на Сител
-

Пратениците се враќаат на работа по августовскиот одмор, првата седница закажана за 2 септември
-

Претседателката Сиљановска-Давкова ќе присуствува на свеченото отворање на 20. Медитерански игри во Италија
-

ЕУ и Македонија во летна слатка трка: Кој повеќе произведува, а кој повеќе троши сладолед
-

ЦУК: Пет активни пожари, два под контрола
-

Таранто 2026: Четврто учество на македонските спортисти на Медитерански игри
-

Ангелов: Изгаснат пожарот во околината на селото Лопатица, граѓаните да бидат особено внимателни поради висок ризик од пожари
-

Министерот Клековски ќе информира за состојбата со западнонилска треска во државата
-

Македонските дипломати во Скопје ги прецизираат идните задачи на дипломатската мрежа
