Македонија
1. May 2026 - 16:31

Мицкоски: Во евроинтеграциите стануваме први во регионот - СДСМ: Поблиску сме до Србија отколку до Црна Гора

Министрите синоќа добиле задолжение до јуни да ги завршат сите обврски кои се дел од реформската агенда, информираше премиерот Мицкоски за тоа како поминал синоќешниот состанок во Владата, посветен на задачите што Македонија треба да ги заврши како дел од планот за раст на Брисел. 

Од 10 зацртани цели, Владата се подготвува да заврши 8. Едната цел- за струјата сведно нема да биде исполнета, а другата не може поради блокада од СДСМ, вели премиерот Мицкоски. Сепак, смета дека тоа ќе биде доволно Македонија, со Црна Гора, да избие на првото место во оценките на ЕУ за напредокот на државите кандидатки за членство.

Но, од СДСМ и понатаму тврдат дека реалноста во делот на евроинтеграциите е спротивна.

- Европа јасно кажа: без вистински реформи, без владеење на правото и без слобода на медиумите – нема пари и нема напредок. Затоа, поради политиката на Мицкоски, криминалот, корупцијата и обожавањето на „браќата“ Орбан и Вучиќ, Македонија многу повеќе личи на Србија (која ги губи средствата и интеграциите) отколку на Црна Гора, која напредува кон членство во ЕУ. Мицкоски може да си ги раскажува своите бајки колку што сака, како што вели, сме трета економија во Европа со празни фрижидери и паричници, но граѓаните јасно ја гледаат вистината, коментираат од партијата на Филипче.