Мицкоски: Обезбедени се бесплатни учебници во сите училишта во државата, Владата инвестира во децата

Во сите училишта во државата се обезбедени бесплатни учебници - потврди денеска премиерот Христијан Мицкоски по пуштањето во употреба на доградбата на ООУ „Ацо Шопов“ во општина Бутел.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој нагласи дека Владата продолжува да инвестира во децата, да вложува во реконструкција на училиштата, да гради базени, спортски сали, нови училишта...
-Да, можам да потврдам дека во сите училишта во државата се обезбедени бесплатни учебници, нешто што до пред три години претставуваше мисловна именка, нешто што беше невозможно. На учениците им диктираа до половина учебна година, некои цела учебна година не го добиваа учебникот и сега овие од талогот како да ги заборавиле тие времиња на предизвици кога немавме учебници, па ја гледам таа мала група од талогот како денеска се охрабрува да спомнува, да критикува и дури би рекол во одредена мерка и да навредува - рече Мицкоски.
Тој истакна дека се реконструираат над 50 училишни објекти во државата.
-Дали е тоа доволно? Не е. Дали треба повеќе? Треба. Но, извинете, верувајте, за две години ние не можеме да поправиме нешто што 35 години системски било уништувано - нагласи премиерот.
Намалувањето на бројот на ученици и паралелки смета дека е од демографска природа, проблем со кој се соочува не само Македонија туку и Европа и светот.
Правејќи споредба на бројот на новороденчиња во 2025 година со периодот пред короната, Мицкоски забележа дека бројот на новороденчиња е за 7.000 до 8.000 помал во рок од седум-осум години.
-Во 2025 година во Македонија се родени 15.650 деца. Во последната година, која можеме да ја споредуваме, нека бидат годините пред короната, се родени помеѓу 22 и 23 илјади деца. Станува збор за 7.000 до 8.000 деца помалку во рок од 7-8 години. Поделете го тоа со 20 деца во паралелка, доаѓаме до 350 паралелки. Поделете го тоа со пет паралелки во училиште, тоа се 70 училишта. Дали е само демографијата? Можеби не. Но, 90 отсто проблемот е тој - изјави Мицкоски.
Тие 10 проценти ги смета како резултат на погрешните вредности во курикулумот, кои, како што рече, беа систематски пренесувани кон родителите и кон учебниците во периодот 2017 - 2024 година.
-Начинот на кој се девалвира сè она што претходно е стекнувано како образование. Вметнувањето импланти во образованието преку курикулуми. Не само историските и географските предмети, туку тука зборувам и за семејните вредности и слично. Сето она што се случуваше системски влијаеше од година на година по 700, по 800, по 1.000 деца помалку да имаме во родилиштата. За ова зборував пред две години. Мала група на талогот ме исмејуваше. Правеа разноразни смешни клипови со мене, ме навредуваа дека сум бил заостанат, дека сум бил ретрограден и не знам што. И ова не е само кај една етничка заедница, ова е случај кај сите етнички заедници - истакна Мицкоски.
Денес, кога ефектот го гледаме во пракса, посочи дека сите велат: „Леле, ова е навистина голем предизвик за сите нас“.
-Е предизвик и ќе биде. Што е предизвикот на оваа Влада? Да го стабилизираме бројот, па да почнеме да растеме. За жал, ова не е само тренд кај нас, туку ова е тренд и во Европа. За жал, ова е тренд насекаде во светот. Така што, тоа е втората причина поради која верувам. И ние тука од минатата година се обидовме уште од најмали години, бидејќи семејството се сака тука и тука на најмалите преку една читанка „Јас, мама и тато, дада и бато“, преведена на македонски, на албански и на другите јазици, да биде поделена во училиштата во кои се изведува на тој јазик наставата за да може уште од најмала возраст првачињата да сфатат што е семејство. Дека семејството не е јас, мама и тато, туку семејството е јас, мама и тато, дада и бато. Тоа е семејство - додаде Мицкоски.
Истакна дека тоа ќе биде основниот предизвик не само на Македонија - македонскиот народ, нација и на другите - туку и на човештвото.
-Ако сакате да имате економски развој, ако сакате државата да оди напред, првин треба да почнете со семејните вредности - нагласи премиерот Мицкоски.
Во однос на иселувањето, смета дека и тоа има ефект, но се осврна на успешни примери, каде што се враќаат иселеници и нивните деца образованиот процес го продолжуваат во Македонија
-Да, и иселувањето има свој ефект, но ова за кое зборував е 98 проценти. За иселувањето можам да кажам многу успешни примери, каде што се бара 5, 10, 15 комплети повеќе од учебниците во училиштата. Тоа ме охрабрува и очекувам дека ќе имаме еден голем тренд во наредните 4-5 години на наши повратници Македонци, кои не веруваат во тие вредности и во структурата онаму каде што живеат во западноевропските земји и дека ќе се вратат тука. Знам дека имаат многу забелешки за системот, знам дека ги имаат и тие предизвици тука, но ќе ги решаваме. А таму си секогаш дојденец и слуга на домашните и никогаш нема да одиш напред. Ќе го поминеш животот и кога ќе се свртиш, ќе сфатиш дека ништо не си направил. Затоа, сите ги повикувам да дојдат тука и заедно да ги решаваме предизвиците - истакна Мицкоски.
МИА
Ново на Сител
-

13-годишно дете во критична состојба по тепачката во Чаир - Било избодено во срцето
-

Започна учебната година за 238.000 ученици, меѓу нив и скоро 15.000 првачиња
-

Првачињата да побараат братче или сестриче
-

Почнува со настава средното полициско училиште
-

Опаѓа бројот на заразени со западнонилска треска, двајца пациенти во критична состојба
-

Тошковски: „Мазут“ ќе ја фрапира јавноста
-

Даниела Димовска ја презеде функцијата претседател на Кривичниот суд
-

Преглед на вестите од светот
