Македонија
18. јуни 2026 - 16:32

Мицкоски најавува европски „маратон“, Филипче обвинува за демагогија и бегање од преговорите

Извештајот на Европскиот парламент за напредокот на земјава, според опозицискиот лидер, Венко Филипче, ги потврдил предупредувањата на СДСМ за состојбите во државата. Нема реформи и нема борба против корупцијата, па како што вели Филипче, нема напредок ниту кај евроинтеграциите. Потенцирањето на работата на историската комисија во извештајот, според претседателот на СДСМ, не значело дека тоа може да е основа за нова блокада од Бугарија.

Коментирајќи го синоќешниот говор на премиерот Мицкоски од партискиот роденден за загрозување на македонскиот идентитет, Филипче вели дека државата имала чиста преговарачка рамка за почитување на малцинските права и затоа смета дека Бугарите треба да влезат во Уставот.

„Со пискав говор човекот ни кажува дека тој бил тој којшто одлучил дека ова ќе биде маратон. Тој нема право тоа да биде маратон, маратонот сега требаше да заврши, а е почнат уште во 1991 година. Со тоа што се подгрева антиевропскиот наратив и се кажува дека Европа го загрозува нашиот идентитет – што не е вистина, бидејќи во основните политички постулати на Европската Унија стои дека се почитува сечија различност, идентитет и јазик (што го потврдува и претседателката Гордана Силјановска) – практично премиерот вчера пушти многу контрадикторни пораки. Додека во Брисел зборува за реформи, тука на луѓето им кажува дека тоа е предавство и дека е ризик за нашиот национален идентитет. Единствен кривец за тоа што ние не напредуваме на европскиот пат е Христијан Мицкоски и оваа влада“

Местото на граѓаните на Македонија е на масата во Брисел, како рамноправна членка на ЕУ, вели премиерот Мицкоски, но оценува дека евроинтегративниот процес ќе биде долг и тежок. Од синоќешната прослава во Струмица, тој ги повика граѓаните да се подготват за борба, за како што рече, исправање на предавството, што според Мицкоски, го направила претходната власт. Членството во ЕУ останува стратешка цел на државата, но нема да има отстапки за македонскиот јазик и идентитет, истакна премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„Подгответе се за маратон, затоа што ќе мора да се бориме да го исправиме она предавство и онаа капитулација, која што претходната најкорумпирана во историјата македонска влада го направи за овој народ и за својата татковина. Подгответе се да се бориме и да се избориме, за нашите од другата страна на границата да го остварат своето човеково право, да регистрираат конечно своја институција, под која што ќе можат културно да се организираат. Во раката имаме договор којшто го потпиша претходната влада, но, исто така, нашиот источен сосед на маса има 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права коишто велат: „Веднаш да ја регистрираат организацијата на Македонците кај нашиот источен сосед, ОМО Илинден Пирин“, вели Мицкоски.

Мицкоски упати порака и до европските лидери, барајќи гаранции дека повеќе нема да има нови билатерални условувања за македонскиот јазик и идентитет. Опозицискиот лидер пак предупреди дека секој загубен ден надвор од преговарачката маса е дополннителна изолација за државата.