Македонија
17. May 2026 - 16:33

Метеоропатитите најмногу погодени од честите временски промени

Несоница, замор, промена во расположение, пад на концетрација, болка во зглобови и засилена мигрена – граѓани со вакви симптоми се јавуваат во Брза Помош и тоа во периодот кога има чести временски промени.

Лекарите велат дека варирањето на атмосверскиот притисок, влажноста на воздухот и темепературните разлики можат да предизвикаат промени на состојбата кај луѓето.

Од 70 интервенции изминатото деноноќие, покрај мозочни удари и влошување кај хронични болни, имале јавувања и од лица кои се жалеле на вртоглавица и променлив крвен притисок кои може да се поврзат со метеоропатија.

-Некои луѓе се навистина како барометри. Често пати ја слушаме изјавата ми се менува расположението како што се менува времето. Сето тоа пак води до понатаможен развој на состојбата. На пример пад на концентрација води кон зголемена можност за сообраќајна несреќа. Понекогаш ние не можеме да ги занемариме метеоропатските промени, но честопати пак и да не им дадеме големо значење затоа што можеме да испуштиме и несшто посериозно кај луѓето, вели д-р Елена Карева Пиловска од скопска Брза помош. 

Покрај стандардните здравствени проблеми, од скопската Брза Помош велат дека во последно време е зголемено насилството кај малолетници. Интервенираат кај повредени во тепачки но и кај случаи на семејно насилство.

-На пример, пред неколку смени наназад, во рок од три часа имавме две интервенции кај прободувања со нож кај млади луѓе, две интервенции кај семејни насилства и две интервенции кај повредени од сообраќајки со мотори, вели д-р Пиловска.

За насилствата кај младите д-р Пиловска вели дека треба превенирање уште кога се мали но и вклучување на психолошка помош кога е неопходна.