Македонија
15. September 2026 - 16:34

Mатични лекари – да прекине праксата издавање на боледување по телефон

Отворање на боледување преку телефон, спреченост за работа поради течење на нос или продолжување на извештајот поради  познанство со специјалист се пракси кои треба да прекинат, апелираат матични лекари. Велат дека предлог измените на Фондот за здравствено осигурување ќе ја растереат административно работата од непотребно отворање на боледување а лекарските комисии да работат со оние на кои навистина им треба отсуство.

- Затоа што секој ден комисијата е затрпана овде има по 100 луѓе во моментот за 10 метри квадратни што е навистина многу и константно доаѓаат нови и нови пациенти за продолжување на боледувањата. И апел до колегите, отворање на боледување по телефон е нешто што е најстрого забрането и тоа се правел ово минатото и треба да се спречи, затоа што ние не знаеме дали пациентот не ја напуштил државата кога ви се јавил со одредена тегоба, вели д-р Драган Георгиев, специјалист по семејна медицина.

Кратењето на рокот за боледување од матичен од 7 до 5 дена за доктор Георгиев во одреден сегмент е оправдано. Но вели дека треба да има отстапки бидејќи секој пациент е различен. 

- Кај одредена дијагноза како вироза 3-4 дена што трае или стомачна болка е оправдано, нема потреба од седум дена. Но има некои дијагнози кај кои што треба да се дозволи како сега што имавме кај грипот 15 дена од матичен. Ние веќе доставивме предлог до Фондот за здравствено осигурување, вели Георгиев.

Дел од лекарите не сакаат да коментираат за контролниот механизам што го најави Фондот бидејќи велат дека незнаат на кој начин контролор ќе проверува болен дома. 

Инаку измените што ги најави Фондот наредната недела треба да поминат на Управен одбор и потоа по добивање на согласност од министерството за здравство да стапат на сила.