Македонија
30. April 2026 - 16:32

Македонија падна за три места на индексот за слобода на медиуми – состојбата е „проблематична“

Македонија падна за три позиции на индексот за слобода на медиумите.

Во најновиот извештај на „Репортери без граници“ земјава се наоѓа на 45-то место и влегува во друштво на земји каде состојбата со слободата на медиумите се оценува како „проблематична“.

Македонија бележи пад во три од петте индикатори кои ја одредуваат позицијата - политичкиот контекст, економските услови и безбедноста на новинарите, додека нема промени кај законската рамка и општествените околности.

Широко раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, стои во пошироката анализа за состојбите

Од земјите во регионот, подобро од нас се рангирани само Словенија која е на 36-то место и Црна Гора која е позиционирана како 41-ва. Под Македонија, во групата проблематична состојба со слободата на медиумите се и Хрватска, Бугарија, Албанија и Грција, додека како „тешка“ состојбата се оценува во Србија и Босна и Херцеговина.

Ова ја покажува и пошироката слика, според која за првпат во историјата на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, повеќе од половина од земјите во светот сега спаѓаат во категориите „тешка“ или „многу сериозна“ состојба за слободата на медиумите. Норвешка, пак десетта година по ред го држи првото место.

Извештајот денеска е тема на меѓупартиски обвинувања.

Филипче во објава на социјаните мрежи иронично наведува дека извештајот на меѓународната организација е уште еден доказ дека медиумската мрежа во служба на Мицкоски „исполнува“ една од клучните реформски точки на европскиот пат на државата. 

Од ВМРО-ДПМНЕ му возвратија дека Филипче е последен кој има право да зборува за слобода на медиумите, кога нема медиум и новинар со кого не се скара. „Филипче треба да си стави прст на чело и да размисли што прави со новинарите и медиумите и дали тој негов однос е правилен. Доколку смета дека така треба, следната година уште надоле ќе одиме“, стои во реакцијата на владејачката партија.