Македонија
9. December 2022 - 18:27

Лажниот лекар од Вевчани доби обвинение

Обвинителство отвори предмет за случајот со лажниот лекар во Вевчани. Ќе се гони за три кривични дела фалсификување исправа, измама и надрилекарство. Пријавениот, иако знаел дека не поседува документација која е потребна за вработување, изготвил лажни исправи – фалсификат уверение за положени испити на факултет за медицински науки и фалсификат уверение и лиценца од Лекарската комора. Документите ги употребил како вистински и со нив во два наврати се пријавил на оглас за работно место – доктор во ЈЗУ Здравствен дом – Вевчани. Првиот пат на огласот во 2016 година не бил избран, но во 2018 година бил селектриран и вработен.

- Со употреба на лажните документи пријавениот ги довел во заблуда членовите на Комисијата за селекција. По основ на договорот за вработување, во периодот од 26.11.2018 до 19.10.2022 година, а и претходно со склучени договори на дело, пријавениот извршувал работни задачи на работно место – доктор по медицина без соодветна стручна подготовка и се занимавал со лекување и давање медицинска помош, стои во соопштението на ОЈО Струга.

 Дополнително, Основното јавно обвинителство Струга дошло и  до други сознанија врз основа на кои оформени се  уште два други предмети. Имено, првиот се однесува за директорот на Здравствениот дом Вевчани, за кого има индиции дека од 2019 година имал определени сознанија дека лицето кое се претставувало како доктор не поседува лиценца од Лекарската комора. За ова тој бил писмено известен со допис но , и покрај ваквите сознанија, тој на пријавениот му овозможил да продолжи да извршува лекарска дејност.

- На оглас за вработување во 2019 година во ЈЗУ Здравствен дом – Вевчани се пријавиле две кандидатки кои не поседувале лиценци во тоа време. И покрај тоа, Комисијата за селекција при вработување констатирала дека тие ги исполнуваат законските услови. Со оглед на тоа што без лиценци тие не можеле да бидат вработени како лекари во здравствена установа, со нив бил склучен договор и биле примени како приправници. Откако неколку месеци подоцна ги обезбедиле лиценците, без да биде распишан нов оглас, со двете кандидатки биле склучени договори за вработување, посочуваат од обинителство.

Имајќи ги предвид ваквите сознанија, Основното јавно обвинителство Струга испитува наводи за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Несовесно работење во службата за директорот на ЈЗУ Здравствен дом – Вевчани, како и за тројца членови на Комисијата за селекција при вработување.