Македонија
28. April 2023 - 16:33

Лани загинале 22 работници, законските измени за коридорите ќе ја влошат состојбата велат експертите

22 садници за 22 загинати македонски работници во само една година. Здружение за заштита при работа им оддаде почит на работниците кои животите ги загубија на работните места.

Нивниот извештај покажува дека земјоделието како дејсност се уште број еден убиец, а веднаш потоа е градежништвото. За една година загинале осуммина земјоделци и шестмина градежни работници.

Сабота е ден кога се случиле најмногу несреќи на работното место со смртни последици, а јули е најсмртоносен месец. Извештајот нотира и 147 повреди од несреќи на работа.

Експертите прстот го вперуваат во државата, главно поради тоа што институциите не прават никакви анализи на несреќите и не работат на нивна превенција. Но, дополнителен проблем е што државата не води официјална статистика, туку тоа е оставено на здруженија и невладини организации.

-Почнувајќи од Министерството за труд и социјална политика, па сите оние институции кои се задолжени да бидат свесни и да комуницираат. Не лажни вести надвор во меѓународните институции, туку едноставно, да ја комуницираат вистината бидејќи само преку вистината, само преку вистинска дијагноза ние ќе дојдеме ќе дојдеме до вистинскиот лек. Вистинскиот лек е дека секоја несреќа може да се превенира, вели Петковски од Здружението за заштита при работа.

И додека експертите алармираат за поразителните статистики, работниците на коридорот 8 и 10д ќе имаат работна недела од 60 часа за побрзо завршување на проектите. Петковски предупредува дека самите временски услови ќе бидат доволна закана по здравјето на тие работници.

-Ако ние цело време зборуваме за ефектите на топлотното зрачење јас само се прашувам кои се тие што дигаат рачиња во Собрание и велат: „Е тие луѓе можеме да ги жртвуваме“. Ова е само во летен период. Што ќе правиме во зимниот кога имаме температури -20? Дали некој се запрашува дека станува збор за човечки битија или сите влегле во филмот дека ние имаме роботи кои работат на тие работни места?, прашува Петковски.

Но министерката за труд, на друг настан на кој се одбележува Светскиот ден за безбедност и здравје при работа го правда ваквото законско решение. Вели, проектите се стратешки и затоа не станувало збор за 60 часовна работна недела, туку прекувремена работа.

- Ако сакаме да градиме инфраструктура во државата и да не ја градиме по 15, 20 години туку да ја завршиме за четири години и седум месеци каков што е договорот со Бехтел и Енка, тогаш не е праксата само кај нас, туку и насекаде да светот, покажува дека треба да дозволиме прекувремена работа. Меѓутоа, прекувремена работа која ќе биде платена секој час одминат на работа и обезбедување на сите меѓународни стандарди кои се однесуваат на безбедноста и здравјето при работа на работниците, вели Тренчевска.

Петковски вели дека за да се спречат нови смртни случаи на коридорите 8 и 10, државата наместо повеќе работни часови, треба да воведе повеќесменско работење и да ангажира повеќе работници.