Курти: Пресудата за водачите на ОВК е неприфатлива неправда

Премиерот на Косово, Албин Курти изјави дека пресудата за четворицата поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) на Специјалниот суд за Косово во Хаг, е „неприфатлива неправда“.
– Прогласувањето за виновни и толку строгата казна, за четворица поранешни лидери на Ослободителната војска на Косово – Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, е неприфатлива неправда, голема и штетна казна, истакна Курти во видео-обраќањето.
Тој додаде дека пресудата ќе биде обжалена, а владата на Косово ќе ја поддржи жалбата.
Според Курти, Специјалниот суд донел неправедни заклучоци и дека неговата одлука се заснова на целосно неточни основи. Тој истакна дека пресудата не може да се чита надвор од историскиот контекст, во кој се појавила ОВК.
– ОВК не беше избор на народ кој сакал војна, туку одговор на народ кој, угнетен и загрозен за самото свое постоење, барал слобода. Албанскиот народ во Косово доживеал лишување од автономија, исклучување од институциите, протерување од работни места, училишта и универзитети, затворање, тортура и убиства. Потоа дојдоа масакрите, палењето на куќи, масовното протерување на стотици илјади луѓе од нивните домови и геноцид. Ова страдање не беше случајна заднина на војната, туку реалност што го претвори отпорот во прашање на опстанок за еден народ, посочи Курти.
Тој го обвини Специјалниот суд за спроведување моноетничко судење и недостаток на транспарентност.
– Селективната правда врз основа на етничка припадност е спротивна на фундаменталниот принцип дека правдата не само што треба да биде непристрасна, туку треба и да се перципира како таква, наведе Курти.
Специјалниот суд за Косово со седиште во Хаг денеска ги објави казните за четворицата поранешни лидери на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи – за убиство на вкупно 96 лица, сметани за политички противници и соработници на српските безбедносни сили, како и за произволно притворање на вкупно 385 лица, тортура на уште 303 и нечовечки третман на уште 50. Во согласност со нивната индивидуална одговорност за извршувањето и помагањето и поттикнувањето на овие злосторства, што се случија за време на Косовската војна (1998-1999), Тачи и Красниќи се осудени на по 25 години затвор, Весели на 18 години затвор, а Селими на 13 години затвор.
По објавувањето на пресудата група Албанци пред Судот во Хаг се судрија со полицијата, која употреби водени топови за растерување на толпата. Неколку луѓе се приведени.
Протести имаше и во Приштина и пред седиштето на ЕУЛЕКС во Косово Поле. Демонстрантите се обидоа да влезат во седиштето на ЕУЛЕКС, но беа спречени од полицијата, по што група демонстранти фрлаше со камења и други предмети. Пред владата на Косово во Приштина се собраа илјадници демонстранти, а група фрлаше камења врз владината зграда, што беа скршени неколку прозорци.
МИА
Ново на Сител
-

Најнова технологија за косините кај Ботун
-

Македонија пред носење на првата Национална стратегија за Вештачка интелигенција
-

На Неврологија хоспитализиран пациент со пост западно-нилски синдром
-

Втора школа за срцева слабост во Скопје
-

Струмичките пожарникари за првпат ја употребија новата авто-скала за неочекувана мисија
-

Кос за бугарски БНТ: Очекуваме Северна Македонија да ги вклучи Бугарите во својот Устав за да се движи напред кон ЕУ
-

ДУИ: Пресудата за водачите на ОВК е првостепена, очекуваме неправдата да биде исправена
-

Во Штавица кај Прилеп започна Балканскиот спелеолошки камп, 150 спелеолози од 15 држави ќе истражуваат 6 пештери
