Македонија
3. јуни 2021 - 19:44

Крушево станува атрактивна вело дестинација

Крушево полека, но сигурно станува атрактивна вело дестинација. Природните ресурси нудат одлични можности за развој на планинскиот велосипедизам. За оваа цел во Крушево тим од Швајцарски експерти предводени од светскиот шампион во планински велосипедизам Ралф Неф, неделава се во Крушево со цел да направат анализа и план за градење на велосипедски патеки.

„Tука во Крушево видов дека условите се прекрасни, природата е прекрасна. Многу сум задоволен и тоа што има голема заедница на велосипедисти кои се доста активни. Мислам дека веднаш треба да се започне со работа, барем со почетнички стази кои ќе бидат наменети за почетници или за семејства“, истакна Ралф Неф, светски шампион во планински велосипедизам.

Крушево за околу еден месец ќе го добие и најголемиот адреналински парк и зип лајн кај нас кои се скоро готови, како и возење со троколки по ски терените дополнување на содржините кои овој град ќе ги нуди на туристите.

„За прв пат во Крушево во лето работи и жичарницата и ски лифтот, ски лифтот се користи за влечење на троколките кои ја користат стазата за спуштање до самиот ресторан. Работиме и на тоа да оформиме и други патеки за проколките и за велосипедите“, потенцираше Кочо Стојчески, сопственик на новите адреналинскии содржини во Крушево.

На промоцијата на овие нови содржини за Крушево присуствуваше и амбасадорката на Швајцарија.

„Крушево нуди одлични услови за развој на планинскиот велосипедизам. Ние досега го познававме Крушево како параглајдинг дестинација и Швајцарија го поддржуваше овој сектор, а сега планинскиот велосипедизам е новиот спорт кој е во подем насекаде во светот“, истакна Сибил Зутер, амбасадорот на Швајцарија во Македонија.