Критиките на Коп предизвикаа бројни реакции – Кој ја кочи европската интеграција?
Ковачевски ја повика претседателката на Врховен со име и презиме да каже кој и врши притисоци. Ден по критиките на холандскиот амбасадор дека во Македонија има континуиран пад на владеење на правото што е сериозна пречка за европската интеграција, премиерот вели на ова треба да одговорат тие што се задолжени за владеење на правото.
Не сум го запознал никогаш претседателот на Врховниот суд во капацитет на својата дејност бидејќи се одвоени судската и извршната власт. Доколку било кој бил под притисок на било кого, тоа треба да го каже со име и презиме, вели премиерот Димитар Ковачевски
Критика во ставот на Коп не гледа ниту министерот за надворешни. Без да даде конкретен одговор дали критиката е упатена директно до ДУИ, Османи вели дека на вчерашаната средба со Ахмети, Коп барал поддршка од ДУИ за борбата со корупцијата.
Ова е продолжување на ставот на холандската амбасада којшто го кажа во неколку наврати пред крајот на минатата година во многу интервјуа. Веројатно ДУИ е еден од тие што најмногу зборуваат за борбата против корупција, се разбира дека и ќе се бара поддршка од страна на ДУИ. Во моите разговори со холандскиот амбасадор имаме суштински две концептуални разлики. Тој смета дека ние можеме да постигнеме европски стандард на владеење на правото и без преговори со ЕУ. Од една страна, некој тоа го чита како комплимент, од друга страна некои го читаат како намалување на притисокот за проширување на ЕУ којшто, еве некој може да каже злонамерено дека Холандија е позната по немање на расположение за проширување, вели Османи.
Амбасадорот на Холандија само го потврди она што ВМРО-ДПМНЕ го зборува со години, вели и опозицискиот лидер. Правото не владее, се избираат партиски судии и обвинители, притисоците се секојдневие, потенцира Мицкоски.
Ова е само потврда дека тоа што се случува изминативе нешто повеќе од 6 години Влада на СДСМ и ДУИ не само што ја врати години наназад Македонија туку ќе ни треба време за да ја вратиме во нормален колосек државата, а потоа и да ја развиваме онака како што сакавме да ја видиме оваа држава во рани 90-ти кога стануваше независна“, заклучи Мицкоски.
И ЕУ потврди дека ДУИ се главни кочничари на европската интеграција на Македонија, вели и предводникот на Европскиот сојуз за примени, Изет Меџити.
Сите овие реакции ги поттикна вчерашната средба Ахмети-Коп, на која холандскиот амбасадор порача дека европкската интеграција на Македонија е загрозена од континуиран пад на владеење на правото, а политичките притисоци врз претседателката на Врховниот суд ќе предизвикаат силна реакција од Холандија.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
