Крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) победи на покраинските избори во Саксонија-Анхалт

Крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД/AfD) победи на неделните покраински избори во Саксонија-Анхалт, но не освои апсолутно мнозинство во парламентот на оваа сојузна покраина во источна Германија, покажуваат прелиминарните резултати објавени рано утринава.
АфД освои 43,8 отсто од гласовите, пред конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ), која доби 17,2 отсто, што е нејзин најлош резултат досега на покраински избори во Саксонија-Анхалт.
Три левичарски партии – Левицата (Die Linke), Зелените (Die Grünen) и Социјалдемократската партија (СПД) – го минаа изборниот праг од пет отсто, при што секоја од нив освои околу девет отсто од гласовите.
Популистичкиот „Сојуз на Сахра Вагенкнехт - т – За разум и правда“ (БСВ) исто така го мина изборниот праг и обезбеди влез во покраинскиот парламент, додека про-бизнис ориентираната Слободна демократска партија (ФДП) освои 2,6 отсто од гласовите и остана надвор од парламентот.
Излезноста изнесуваше речиси 78 отсто, што е највисока стапка во Саксонија-Анхалт од повторното обединување на Германија во 1990 година.
И покрај победата на АфД, сè уште не е јасно кој ќе ја предводи идната покраинска влада во Саксонија-Анхалт, бидејќи сите главни германски партии и понатаму одбиваат соработка со АфД, политика позната како „огнен ѕид“ („firewall“), јави ДПА.
Откако синоќа беа објавени првите излезни анкети, носителот на листата на АфД, Улрих Зигмунд, изјави дека гласачите ѝ дали на партијата „мандат за владеење“, додека копретседателот на партијата Тино Хрупала рече дека 35-годишниот Зигмунд „ќе биде новиот премиер на Саксонија-Анхалт“.
Продолжувањето на досегашната трипартиска коалиција предводена од покраинскиот премиер Свен Шулце од ЦДУ е невозможно бидејќи ФДП остана под изборниот праг од пет отсто, а за евентуална нова владина коалиција на Шулце би му биле потребни гласовите на Левицата, со која ЦДУ одбива каква било соработка.
Во такви околности, АфД би можела да се обиде да формира малцинска влада, при што Зигмунд ја спомена и можноста други пратеници од ЦДУ кои се залагаат за укинување на „огнениот ѕид“ да ѝ се приклучат на неговата партија во парламентот. Доколку сите обиди за формирање влада пропаднат, Зигмунд како крајна можност го посочи и распишувањето нови избори во Саксонија-Анхалт.
МИА
Ново на Сител
-

Крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) победи на покраинските избори во Саксонија-Анхалт
-

Пукање во Скопје: Убиен 25-годишен маж
-

Почесна артилериска стрелба по повод Денот на независноста
-

Пет лица загинаа откако карго-авион на „Амазон“ се урна на аеродром во САД | ВИДЕО
-

Трамп предлага сојузната држава Њу Мексико да се вика „Нова Америка“
-

Денеска ќе биде погребан Ратко Младиќ
-

Сончево и топло со температура до 35 степени
-

Николоски: Македонскиот авиосообраќај руши рекорди, оваа година ќе сме блиску до четири милиони патници
