Кос, Јаневска и Сали во увид на реконструкцијата на студентскиот дом „Стив Наумов“

Еврокомесарката за проширување Марта Кос, министерката за образование и наука Весна Јаневска и вицепремиерот Беким Сали денеска извршија увид во реконструкцијата на Државниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, проект што се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија, и меѓународни партнери.
Кос истакна дека реконструкцијата на студентскиот дом е јасен показател за поддршката што Европската Унија ѝ ја дава на Северна Македонија на патот кон членство во ЕУ, нагласувајќи дека образованието, студентскиот стандард и енергетската ефикасност се меѓу приоритетите на Унијата.
- Овој проект е јасен знак за нашата посветеност да ја поддржиме Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија. Образованието и стандардот на студентите се клучни за иднината на секоја земја и среќни сме што придонесуваме во оваа област. Нашата соработка со Владата и локалните институции ќе продолжи, така што со нетрпение очекувам да видам повеќе вакви проекти завршени во иднина и се надевам дека откако ќе заврши овој проект ќе можам повторно да дојдам на посета, да разговарам со студентите - рече Кос.
Осврнувајќи се на евроинтегративниот процес, Кос рече дека, според последните анкети, повеќе од 80 проценти од граѓаните на Северна Македонија ја поддржуваат Европската Унија.
- Жал ми е за долгиот пат што вашата земја мораше да го помине, но мислам дека треба да гледаме кон иднината. Ако сите работиме на остварување на визијата Северна Македонија да стане членка на Европската Унија, јас и мојот тим ќе го дадеме нашиот максимум за да ве придружуваме до таа цел - порача еврокомесарката Кос.
Министерката за образование и наука, Јаневска, информираше дека реконструкцијата на „Стив Наумов“ и уште еден студентски дом во центарот на Скопје треба да заврши годинава, по што двата објекта ќе бидат ставени во функција за студентите.
Јаневска посочи дека со поддршка од Европската Унија, Германската развојна банка и Регионалниот центар за енергетска ефикасност се обезбедени 86 милиони евра за реконструкција на девет студентски домови и седум ресурсни центри за ученици со посебни образовни потреби.
- Сите тие се дел од 16 инфраструктурни проекти за подобрување на образованието и на студентскиот и ученичкиот стандард, на што оваа Влада е посветена, рече Јаневска, изразувајќи надеж дека соработката со меѓународните партнери ќе продолжи.
Првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали, оцени дека реконструкцијата е доказ за успешната соработка со Европската Унија и за ангажманот на државата во процесот на европска интеграција.
- Ова е инвестиција и доказ за соработката што ја имаме и за ангажманот на државата за исполнување на сите критериуми и потребни чекори за интегрирање на нашата земја во Европската Унија. Благодарение на тоа обезбедивме грант, односно финансиска поддршка за капитални инвестиции, како што е студентскиот дом „Стив Наумов“ - посочи Сали.
Додаде дека Владата ќе продолжи со инвестиции во студентската инфраструктура и во други капитални проекти со поддршка од европските партнери.
МИА
Ново на Сител
-

Собранието демантира дека плаќа приватно здравствено осигурување за пратениците и за вработените
-

Николоски: Продолжува поддршката за Општина Струга, заеднички работиме на големи инфраструктурни проекти
-

Јавен повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2026/2027 година
-

Американскиот министер за финансии изјави дека војната со Иран влегува во „завршна фаза“
-

Почна судењето против Артан Груби и седум други лица за злоупотреби во АД „Државна лотарија“
-

Водата за пиење во Скопје безбедна и квалитетна
-

Ноќните температури во Атина синоќа достигнаа и до 33 степени
-

СПМ: Македонија не е предмет на бугарски историски диктат
