Ќе има ли договор за Изборниот законик?
Наместо приближување, и најновиот предлог на Апасиев да попушти околу гласањето на дијаспората по пошта, за сметка на една изборна единица, и да го одблокира Изборниот законик, засега не може да ги спаси новите изборни правила на кои чека и Брисел. За една изборна единица сè уште нема консензус меѓу дел од албанските партии, додека концептот за гласање на дијаспората надвор од гласачко место сè уште е целосно неприфатлив за опозициската СДСМ.
Лидерот на Левица попладнево излезе со нов предлог за Изборниот законик, откако премиерот Мицкоски неколку пати кажа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати сè од опозицијата, освен за гласањето на дијаспората.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, по предлогот на Левица, велат дека се подготвени за таков предизвик, бидејќи и онака една изборна единица е и нивен предлог. Велат дека Апасиев условот треба да го испорача на другите партии кои се против ваквото решение.
Една изборна единица е прифатлива и за ДУИ, но тие, пак, се против гласањето на нашинците по пошта.
„Гласањето по пошта е предлог кој доаѓа надвор од работната група. Во врска со 1 изборна единица – да, само со 5% праг од вкупно запишаните избирачи и со отворени листи (кумулативно трите услови)“, велат од партијата на Ахмети.
Против гласањето по пошта сега се и од владејачката Вреди. Тие инсистираат на електронско гласање. Дополнително, не прифаќаат една изборна единица, туку даваат предлог за три. Дури осум изборни единици, пак, бараат Алијансата на Таравари и Лигата на Села. Но, дури и да се најде некој компромис со албанскиот блок, опозициската СДСМ не прифаќа никаков концепт за гласање на дијаспората надвор од постојниот.
Нов обид да се најде компромис за Изборниот законик се очекува уште утре наутро, на нова координација меѓу парламентарните партии.
Измените на изборните правила заглавија со 13 илјади амандмани, откако СДСМ и Левица се спротивставија на предлогот на власта за гласање на дијаспората надвор од гласачко место. Партијата на Филипче претходно ја бојкотираше и работата на работната група во Министерството за правда, каде што се подготвуваа измените.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
