Како климатските промени го сменија начинот на живот
Некогаш асоцијација за месец јануари бил токму снежните покривки и минусните температури. Но овој јануари кога дневната температура достигнува и до 10 степени, на снежните пејсажи во главниот град можеме да се присетуваме само од фотографии.
Се потоплите зими, недостигот на снежни покривки, но дождот како замена за снег научниците го препишуваат на климатските промени. Па ги прашавме скопјани кога го паметат последниот голем снег во главниот град?
Минатата година била рекордно најтоплата година во историјата, а изминатава деценија од 2014-2013 година го држи рекордот на десет најтопли години, откако се мерат и воопшто температурите од пред околу 180 години. Количествата снежни врнежи се намалуваат низ светот поради глобалното затоплување предизвикано од човекот, покажува новата анализа на научниците од американската Национална управа за океани и атмосфера, пренесува си-ен-ен.
Но кои се последиците од недостигот на снег?
Додека некои сметаат дека можеби тоа е безопасно и само ќе имаат обврска помалку за чистење на снегот во текот на зимата, сепак недостигот на снег ја загрозува достапноста на основните егзистенцијални работи, како што е храната, водата, но и чистиот воздух.
Доколку годината е сува ги намалува приносите на речиси сите култури, а ризиците за суша се се поголеми. Одложената зима ги редуцира земјоделските продукти, а некои видови и изумираат. Ситуацијата е загрижувачка посочуваат агрометеоролозите од Македонија.
“Толото време и сушниот период допринесуваат за одложување на некој начин на зимата. Ако земеме предвид дека во месец април кога веќе навлегуваме во пролетта, ние се соочуваме со доцни пролетни мразови кои причинуваат големи штети во земјоделството. Особено сме сведоци дека одредени овошки од раните сорти и коскените видови се или редуцирани или таквите температури целосно го уништуваат родот.”
Но топлите зими придонесуваат и некои земјоделски производи да мигрираат, па така во Македонија започнаа да се одгледуваат маслинки кои се типични за медитеранската клима.
Самото ова затоплување и климатски промени наведуваат и на тоа да размислиме дека, на пример ние се сеќаваме особено постарата генерација дека во Македонија не се одгледуваа маслинки. Сега веќе имаме цели плантажи на маслинки во јужните делови на земјата. Што значи дека топлиот бран од јужните делови на Балканот се подигнува кон Македонија.
Но снегот исто така влијае и за прочистување на загадениот воздух. Во котлински град како што е Скопје, кои воедно ги држи светските рекорди речиси секоја зима за еден од најзагадените градови, граѓаните и те како го чекаат снегот да го исчисти токсичниот воздух.
Со намалувањето на врнежите од снег може да изумрат и зимските спортови, а скијачките центри како Маврово и Попова Шапка, кои се познати по зимскиот туризам без снежната покривка би останле и без економски профит.
Немањето снег, би го намалило и нивото на реките, а електраните би можеле да произведуваат помалку електрична енергија.
Екосистемите кои се навикнати на снег ќе имаат поинаков состав, како што беше случај со мечките во тетовските села, кои поради се потоплото време им се одложување хибернацијата и правеа проблем на локалните мештани.
Според податоците на слжбата на ЕУ за климатски промени, Коперник цеќе има 2,7 отсто помалку годишни врнежи на снег на глобално ниво од 1973 година.
Предвидувањата на климатолозите се дека може да се очекува краткорочно климатските промени да предизвикаат поекстремни зими со повеќе снег, но како што се зголемуваат глобалните температури, такви снежни години ќе има се помалку.
Според нив, за да се спречи светот да остане без снег, треба да се стават под контрола климатските промени.
Оваа сторија е продуцирана со поддршка на регионалниот проект „SMART Balkans – Зајакнување на улогата на медиумите во справувањето со климатските промени“ имплементиран од Центарот за промоција на граѓанското општество (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (CRPM) и Институтот за демократија и медијација (IDM) и финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Норвешка (НМФА). Содржината на сторијата е единствена одговорност на авторите и не мора да ги одразува ставовите на Министерството за надворешни работи на Норвешка (НМНР).
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
