Јаневска: Учебниците ќе бидат навреме доставени, вештачката интелигенција треба да се користи етички во образованието

Учениците ќе ја почнат новата учебна година со обезбедени учебници, а најголемиот дел од нивната дистрибуција веќе е завршена, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Во интервју за телевизија Сител, Јаневска истакна дека Министерството за образование и наука презело повеќе мерки за подобрување на системот за издавање и дистрибуција на учебниците, вклучително и донесување нова законска рамка со која учебникарството е префрлено кај издавачките куќи.
-Дотогаш Министерството беше и печатница и учебникар, што беше тешко спроведливо и несоодветно. Сега тоа го префрливме кај издавачките куќи - нагласи Јаневска.
Таа нагласи дека процесот е направен максимално транспарентен и дека сите документи поврзани со постапките се достапни на веб-страницата на Педагошката служба. Дополнително, биле организирани три онлајн семинари за училиштата со цел правилно да се спроведува замената на старите и оштетени учебници.
Според министерката, во претходните години се појавувале проблеми со дотраени и оштетени учебници поради несоодветно спроведување на процедурите во училиштата, но очекува годинава тие пропусти да бидат надминати.
Таа посочи дека значително е зголемена и свеста за одговорно користење на учебниците, а училиштата ќе добијат онолку примероци колку што ќе побараат. Министерката информираше дека Министерството извршило проверки во повеќе училишта и оти било потврдено дека дистрибуцијата на најголемиот дел од учебниците е веќе завршена.
-Добрата вест е што дистрибуцијата на најголемиот дел од учебниците веќе е завршена по училиштата и во тек е финализирање на целиот процес за новата учебна година - истакна Јаневска.
Говорејќи за вештачката интелигенција, министерката истакна дека дебатата за нејзините придобивки и ризици се води на глобално ниво и додаде дека целта на Министерството е нејзиното воведување во образовниот процес да биде насочено кон подобрување на наставата и учењето.
-Нашата намера е да им помогнеме на наставниците и на учениците да ја користат вештачката интелигенција на правилен начин, да ги искористат нејзините позитивни страни за креативност, иновативност и учење, но истовремено да бидат свесни и за можните злоупотреби - рече Јаневска.
Во однос на државната матура, Јаневска оцени дека просечната оцена од 3,66 ги отсликува реалните постигања на учениците и дека резултатите се поблиску до реалната состојба благодарение на построгите процедури и контролни механизми во спроведувањето на испитот.
МИА
Ново на Сител
-

Фудбалската асоцијација на Ирска ја повлече својата поддршка за реизборот на Инфантино
-

Турист од Грузија се удавил во Охридското Езеро
-

Скопјанец пронајден мртов во својот дом, полицијата ги утврдува околностите
-

Три зрна од огнено оружје пронајдени на две локации во Куманово
-

Водостојот на Охридското Езеро 11 сантиметри над просекот за август, температурата на водата 26 степени
-

ПСЖ ќе го продолжи договорот со Енрике до 2030 година
-

Лукаку: Чест и привилегија е да се настапува за Фенербахче
-

Воената помош за Украина во јуни достигна 7,2 милијарди евра
