Јаневска: Студентите повеќе нема да бркаат глувци и да им се тресат лифтовите
Нема да се укинуваат студентски стипендии, туку се менува начинот на распределба, уверува министерката за образование. Таа ги отфрли критиките дека измените на Законот за студентски стандард се на штета на студентите и обвини дека станува збор за политички дезинформации.
Aнализите на МОН покажале дека околу 400 стипендии за социјално ранливи категории секоја година останувале неискористени, бидејќи немало доволно студенти кои ги исполнувале условите.
„Претпоставувам нa претходната власт и користело да не ги потроши тие пари и да ги потроши за нешто друго. Еден од чекорите за задржување на младите во нашата земја е да си ги доделиме тие 400 стипендии на некоја друга категорија студенти кои можат да ги земат, оти сумата која ја доделуваме не се менува“, изјави Јаневска.
Студентските домови ќе се поделат на реновирани, каде МОН ќе покрива 40% од цената, и нереновирани, каде државата ќе субвенционира до 50%, бидејќи сегашниот систем од Државна ревизија бил оценет како неодржлив и домовите со години се соочувале со долгови и лоши услови. Со нов закон, Министерството ќе ги преземе платите на вработените, а од септември започнува реновирање на седум студентски домови.
„Со овој модел јас гарантирам, прво дека ќе имаат домови од А категорија, на европско ниво, друго – нема да бркаат глувци, ќе имаат нормален студентски оброк, нема да им се тресат лифтовите и да се плашат кога ќе се возат со лифтовите, ќе имаат пристојни кебиња и сѐ што е потребно за да имаат нормален студентски стандард. Така да, повторувам, сѐ е во корист на студентите“, кажа Јаневска.
Инаку Министерството за образование од јуни до декември лани ги исполнило сите задачи од реформската агенда. Од новата исплата од Брисел за тоа треба да добие 19,2 милиони евра.
Земјава доби 65,7 милиони евра од Планот за раст, најмногу во регионот. Од нив 30,6 милиони ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, а остатокот ќе биде достапен за големи инфраструктурни и инвестициски проекти.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
