Јаневска до учениците: Учете вредно за да знаете, бидете пријатели со другите деца

Среќен почеток на новата учебна 2026-2027 година им посака утрово на учениците министерката за образование и наука Весна Јаневска, која во ОУ „Киро Глигоров" во Центар присуствуваше на официјалната промоција на кампањата на „Македонски телеком“ против врсничко насилство и мирни и безбедни училишта.
Првиот училиштен ден таа посебно им го честиташе на првачињата и на нивните родители и наставници, со желби најмалите ученици да имаат успех во учењето, да се описменат, многу да се дружат, да бидат многу љубопитни и да прашуваат, да размислуваат и да го кажуваат своето мислење.
- Им пожелувам вредна работа на учениците. Но, им посакувам и нешто друго - сè што прават, заеднички и мирно да прават. На сите ученици им посакувам мирна училишна средина во која нема да има карања и тепачки, изјави Јаневска.
Успешна учебна година таа им посака и на учениците од погорните одделенија со порака „да докажат дека се поодговорни и позрели“, да бидат пример за помалите, повикувајќи на толеранција и емпатичност.
- Учете, многу учете, затоа што знењето е најголемата сила што може да ја добиете, тоа богатство никој не може да ви го одземе и со него можете да направите многу добри работи и да си ги остварите желбите. Сè што треба е да верувате во себе и секој ден да учите. Изберете да бидете пријатели со другите деца. Навредите, погрдните зброви и насилството не значат дека сте јаки, напротив - тие се знак на слабост, истакна Јаневска.
Порака имаше и до родителите – да се грижат за нивното воспитување зашто нивната љубов и внимание, рече, се највредното нешто што може да им го дадат на своите деца и дека топол и мирен дом значи и безгрижни деца кои имаат вистински вредности.
На наставниците, пак, Јаневска им порача да се грижат за нивното образование, но, дека „она што е најважно е да ги направат мислечки и слободни граѓани кои во иднина ќе бидат успешни луѓе“.
„Македонски телеком“ во текот на целата учебна година ќе ја реализира кампањата против врсничко насилство. Горан Марковиќ, главен извршен директор на оваа компанија изјави дека поддржале широка и значајна иницијатива за безбедно опкружување на децата и младите, без насилство и без омраза - во училиштата, и во дигиталниот свет.
Целта на кампањата е да влијаат на три работи: едукација, превенција и активно учество на младите затоа што, како што рече, учениците ќе научат многу работи, но најважно е како да бидат добри другари.
- Затоа што вистинска храброст е да бидеш добар, да помогнеш некому и да застанеш покрај другарчето кога му е тешко. Бидете доволно храбри да кажете „не“ на насилството и омразата, а во тоа не сте сами. Под слоганот „Прекини го кругот на насилство — не биди публика“, сакаме да ги поканеме сите да преземат активно учество во прекинувањето на насилството. Пред сè, овде мислиме на децата, родителите, наставниците, институциите, но и целото општество. „Телеком“ ќе продолжи да бара нови партнерства и да воведува нови производи и услуги кои ќе овозможат побезбеден дигитален свет за сите наши деца, истакна Марковиќ.
МИА
Ново на Сител
-

КЗК го преиспитува новововедениот режим за користење на зоната „Hug & Fly“ за возила на Меѓународниот аеродром Скопје
-

УХМР: Утре попладне засилен ветер, пороен дожд, грмежи и услови за појава на град
-

Клековски: Апел да се вакцинираат децата против морбили за да превенираме можна епидемија по растот на случаи во Косово и Бугарија
-

Јаневска: Првачињата да стекнат и братче или сестриче покрај знаење, така ќе ги отвориме училиштата што сега ги затвораме
-

Мицкоски за дата-центрите: Многу јасно е каде оди светот и овој процес е неповратен, ја водиме Македонија во просперитет
-

Ќе се реконструира Клиниката за физикална медицина и рехабилитација во Скопје - инвестиција од 92,7 милиони денари
-

МВР со детали за тепачката: 13-годишник избодел тројца, меѓу нив и детето кое се бори за живот
-

По триесет години „Кифи Ди“ прогласен за виновен за убиството на Тупак Шакур
