Македонија
4. August 2026 - 20:38

Јанчев: По три дена непрекината, макотрпна и пожртвувана работа, пожарот во село Раец е целосно изгаснат

Градоначалникот на Општина Кавадарци вечерва преку објава на својот профил на „Фејсбук“ информираше дека пожарот во селото Раец е целосно изгаснат.

Во својата објава, тој упати искрена благодарност до сите кои беа вклучени во гаснењето на пожарот, истакнувајќи ја нивната пожртвуваност, координација и несебична ангажираност во справувањето со огнената стихија.

„По три дена непрекината, макотрпна и пожртвувана работа, пожарот во село Раец е целосно изгаснат.

Во овие исклучително тешки моменти уште еднаш се потврди силата на солидарноста и несебичната посветеност на сите служби и поединци кои деноноќно беа на терен во борбата со огнената стихија.

Упатуваме искрена и огромна благодарност до ТППЕ Кавадарци, ТППЕ Неготино, ЈП Комуналец Кавадарци, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Центарот за управување со кризи (ЦУК), Општата болница Кавадарци, Шумско стопанство „Бор“, Министерството за внатрешни работи, Армијата на Република Македонија, ОВР Кавадарци, Гранична полиција – Југ, доброволните противпожарни друштва, како и на сите доброволци и жители од с.Раец и с.Дреново,  кои на различни начини помогнаа во справувањето со пожарот.

Вашата храброст, пожртвуваност и несебична поддршка беа од непроценливо значење за успешно надминување на оваа сериозна состојба.

Благодарност до сите што дадоа свој придонес. Заедно покажавме дека кога сме обединети можеме да се справиме и со најголемите предизвици.“