Извештај на ФЗО: Вработени во општи болници имаат високи примања, а лекуваат малку пациенти
Специјалисти во општи болници во внатрешноста имаат поголеми месечни примања од нивни колеги на клинички, а лекуваат далеку помалку пациенти. Извештајот на Фондот за здравство покажува дека во болниците со проширена дејност и во клиничките болници најмногу се користат додатоците за плата кои вклучуваат работа во смени, празници, дежурства, а од друга страна во тие установи најмала е реализацијата на здравствени услуги. Многу специјалистички оддели во помалите градови не се функционални. На пример во Кочанската болница лани имало само 7 породувања, а во Дебарската 40.
- Оваа анализа ни дава јасна слика за тоа каде и зошто се исплаќаат додатоците. Наш приоритет се транспарентноста и ефикасното користење на јавните средства за здравствена заштита, изјави Сашо Клековски, директор на ФЗО.
Директорот на Фондот посочи дека мора да се промени оваа статус со примена на стратегиите за здравство и болничко лекување вклучително и регионализација на установите или сервисни упати, односно фактурирањето на услугите да не биде на скопските клиники, туку на болниците кои го испратиле пациентот во Скопје.
Парадокално е што во болниците каде има најмала реализација на здравствени услуги има и најмногу тружби од вработените за неисплатени додатоци. ФЗО го тужат околу 1800 вработени во здравството, а барањата достигнуваат 2,18 милиони евра. Најмногу тужители има од кумановската болница, а највисоки суми се бараат од Битолската.
- Министерството за здравство веќе има формирано група - претставници на Министерството, Фондот и на двата репрезентативни синдикати на вработени во здравствениот сектор, да работат на појаснување на додатоците со цел да не се соочуваме со тужби. Нашиот став е - она што следува треба да се исплаќа, ама да не се оставаат сиви зони за неетичко постапување - дециден беше Клековски.
Инаку во јавното здравство работат близу 19.000 лица, што според Клековски е сосема доволно, но треба правилно да се распределат.
Тој со одлука на Влада доби 4 годишен мандат да раководи со ФЗО.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
