Македонија
21. April 2023 - 16:31

Истражување на ИКС: Ранливост на дезинформации кај различни групи

Ера на информации или ера на дезинформации? Технолошкиот развој и подемот на социјалните мрежи ги доближи вестите и информациите до човекот како никогаш досега. Со едно допирање на мобилниот телефон го имаме светот на дланка. 

Но, дали постои врска помеѓу возраста на луѓето и медиумската писмесност и подложноста на дезинформации? 

Ова е појдовната точка на истражувањето за „Ранливост на дезинформации кај различни групи граѓани“ кое го спроведе Институтот за комуникациски студии (ИКС) во кое опфатени се студентите и пензионерите. 

Истражувањето покажува дека медиумската писменост и кај студентите и кај пензионерите е просечно. Резултатите се речиси идентични и кај двете групи. 

Повисока медиумска писменост имаат студентите кои доаѓаат од урбаните средини и кои имаат повеќе знаења за Европската Унија и за климатските промени. Пониска кај студентките кои главно доаѓаат од рурални средини и кои помалку се интересираат за ЕУ и за климатските промени. 

Единствена разлика е што кај пензионерите полот не игра никаква улога. 

За да дојдат до резултатите, истражувачите ја мереле интелектуалната љубопитност кај испитаниците, нивното познавање за структурата на медиумската индустрија, писменоста за вести, мотивите за читање на вести, како и препознавањето на знаците за дезинформации.

Испитаниците добиле по три измислени вести од веб портали, на три различни теми. А, задачата била да препознаат девет знаци за дезинформации. 

-Многу е интересно дека од тие девет знаци, групата студенти препозна нешто помалку од 2 знаци, во сите три вести. Додека, пак, пензионерите нешто повеќе од 1,30, ариметичка средина од тие 9 знаци, вели една од авторките на истражувањето, Јорданка Черепналкова Трајкоска.

Меѓудругото, биле испрашувани и за познавањата на структурата на медиумите во Македонија. И тука резултатите се доста слаби.

-За жал ниту студентите, ниту пензионерите постигнаа ниту пола од нив да ги одговорат точно. Имаше прашање дали знаат колку се во приватна сопственост, колку зависат од реклами, кој пишува соопштенија за медиуми. Тие резултати се најзагрижувачки и мислам дека треба да се посвети и таму внимание, вели Черепналкова Трајкоска. 

Професорката на катедрата по новинарство на Правниот факултет, Јасна Бачовска вели дека колку е поголема општата писменост, толку е поголема и медиумската писменост. 

-Децата ако имаат знаења од областа на Европска Унија, климатски промени, за случувања во општеството верувајте дека медиумската писменост.... препознаваат што е лага, што е точно, имаат потреба да следат вести. Самото истражување покажува дека луѓе со повисоко ниво на медиумска писменост се луѓе од урбана средина, со повисоки знаења од одредени општествени теми.

Целта на истражувањето е да се утврдат индивидуалните фактори, мотиви и бариери за препознавање и спречување на дезинформациите и може да послужи како основа за развивање на едукативни содржини. 

Во образованието со години гледаме различни реформи, како Кембриџ, дигитализација, па се до сексуалното образование, кои никако да ги подигнат нивото на образование најмладите. 

-Образованието сигурно треба да се реформира, во насока на тоа дека концептот на писменост треба да се прошири. Ние живееме во неконтролирана ера на медиуми. Да, има медиумска писменост како дел од некои содржини, обично мајчин јазик, меѓутоа, треба да се посветува многу поголемо внимание, да се градат вештини за тоа што значи дезинформација, да се вградат тие како едни од целите на образовниот систем, вели Черепналкова Трајкоска.

На истиот став е и професорката Бачовска. Вели, досегашните реформи се гледаат само на хартија и немаат ефект. Потребно е комплетно осовременување на образовниот систем.

-Самите социјални мрежи кадешто децата се најмногу треба да бидат артикулирани во образованието. Засега нашите наставнички бараат помош од нас родителите, ние да ја филтрираме, дома да се бориме и да ги едуцираме децата, а фактички, самото образование треба да ги учи децата на негативните страни на социјалните мрежи, учејќи го тоа во школо. Артикулирајќи ги социјалните медиуми во школо. Барем така го прават најдобрите примери, а тоа се скандинавските земји.

За медиумската писменост кај граѓаните одговорност имаат и самите медиуми, но и новинарите, затоа Бачовска вели дека потребно е да се подигне нивото и на тој начин би се спречило ширењето на дезинформациите. 

-Кога ќе имаме медиуми со интегритет навистина помалку ќе се шират вестите на социјалните мрежи, туку ќе се читаат од сериозни медиуми коишто имаат навистина професионални новинари. Исто така и во овој дел државата треба да биде одговорна.

Истражувачите даваат повеќе препораки за активности кои можат да го зголемат нивото на медиумска писменост. Констатираат дека треба да се јакнат комуникациските вештини бидејќи така луѓето ќе бараат доволен број на факти и податоци пред да донесат мислење или став.

Во истражувањето на ИКС вметната е трета категорија на граѓаните, жени Ромки од Шуто Оризари кои немаат завршено ниту основно образование. Ова е група која не гледа вести или барем 80% се изјасниле така, освен вести поврзани со социјалната помош. Меѓутоа, ИКС констатира дека тие имаат доволна свест и одредена потреба за знаење и кај нив треба да се работи на зголемување на медиумската писменост кон интересите на оваа група. 

Истражувањето е извршено врз 291 испитаник, од кои 193 се студенти и 98 пензионери. Дополнително, преку фокус-групи спроведено е истражувањето со 16 Ромки од Шуто Оризари.