Македонија
21. November 2022 - 16:36

Искршени прозорците на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид

Просториите на бугарскиот клубот „Цар Борис III“ од Охрид повторно демолирани.

Во текот на ноќта се искршени стаклата на влезот на просториите во кои се наоѓа клубот на здружението на граѓани и дел од светлечката реклама во трговскиот центар Амам во центарот на градот. Oд охридската полиција го потврдија нападот кој се случил во 2 часот и 5 минути после полноќ и велат дека работат на расветлување на случајот.

- Во СВР Охрид пријавено е оштетување на стакло од излог на „Здружение на граѓани Цар Борис III“, лоцирано на булеварот „Македонски Просветители“ во Охрид. Полициски екипи извршија увид и се работи на расветлување на настанот, стои во соопштението на СВР Охрид.

Оштетувањето, според првичните информации било направено со тврд предмет, камен.

Инаку, пред само три дена на фејсбук страната на клубот беше објавено  одбележувањето на една година од здружението Цар Борис III со голем број членови, меѓу кои генералниот конзулат и дипломати од Генералниот конзулат во Битола.

Минатиот месец пак по само неколку дена од отварањето на просториите беше искршена таблата на бугарскиот клуб во Охрид на која стоеше испишано името „Цар Борис Трети“. Натписот предизвика бурни реакции во јавноста, поради контраверзното име, кое според многумина е провокација. Кривичното дело го направил 47 годишен охриѓанец, кој сам се пријавил во полиција.

Клубот „Цар Борис Трети“ беше отворен на 7-ми октомври од страна на Здружението кое го носи истото име, а беше формирано претходно. Истовремено со отворањето на клубот, пред просториите каде се наоѓа, беше организиран протест, кој помина без инциденти иако на моменти атмосферата беше тензична.

Инаку, според последните измени кои беа направени во Собрание врз законот за здруженија и фондации, бугарските културни центри во земјава имаат рок од три месеци да ги променат имињата на здруженијата.