Македонија
7. August 2026 - 16:58

Индустријата бележи раст, но рударството останува најслабата алка

Индустриското производство расте, но македонското рударство останува во слободен пад. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека индустриското производство во јуни годинава е зголемено за 6,5% споредено со истиот месец лани, но сепак продолжува надолниот тренд во рударската гранка.

Повеќе од 40 години се нема реализирано ниту една голема инвестиција во оваа гранка, а во моментов единствена сериозна најава има за проектот за рудник за бакар во Иловица. 

Според инвеститорот, компанијата „Еуромакс ресоурес“, нивната почетна инвестиција би изнесувала 340 милиони евра, што би довело до зголемување на БДП за 3% на годишно ниво. Во меѓувреме, државните власти преку измена на Тарифникот во 2025 година, ги поскапеа концесиите за ископ на металични суровини, па иако инвеститорот првично најави просечен извоз од околу 180 милиони евра на годишно ниво, се очекува оваа сума да биде многу повисока.

„Државата го гледа и економскиот аспект. За буџетот... кога за одреден метал има побарувачка, цената ќе расте и понатаму. Сигурно нема да остане на овие цени што ги има во моментов. Буџетот, како на државата, така и на локалната заедница ќе биде дополнет, ќе ома нови вработувања... Покрај рударството и металургијата, тука ќе бидат вклучени и други сектори коишто се потребни. Ќе се троши електрична енергија, потребен е транспорт, ќе биде потребно да се изврши модернизирање на целата транспортна инфраструктура, што сето тоа се сведува на инвеститорот којшто ќе треба ова да го направи“, нагласи претходно универзитетскиот професор и претседател на Здружението на металурзи, Горан Начевски во изјава за Сител ТВ.

Во случајот со проектот за рудник за бакар во Иловица, огромен бенефит ќе имаат општините Ново Село и Босилово, кои на распологање ќе имаат многу поголеми финансиски средства за реализација на инвестиции од областа на инфраструктурата, образованието, здравството, земјоделието и друго.