И дијаспората бара одложување на рокот за вадење нови пасоши
Дијаспората нема време да ги промени личните документи во февруари, а не знаат како ќе влезат во Македонија со истечени документи. Велат и онака е долг и макотрпен процес промената на документацијата кој трае и по една година, а во отвореното писмо до Спасовски нагласуваат дека доколку не им важат документите, нема ни да можат да дојдат да гласаат на избори.
- На македонците во дијаспората им е обично потребно една година, ако не и повеќе, да извадат нови патни исправи. Нашата организација вложила многу време и труд работејќи со конзуларните претставништва, за да им помогне на илјадници Македонци да добијат државјанства и нови патни исправи. Поставувајќи арбитрарни датуми, како овој во февруари, е многу штетна политика. Повеќе од веројатно е дека многу македонци во дијаспората нема да можат да ги обноват своите пасоши во овој рок, со што ќе биде спречено нивното влегување во Република Македонија, истакнаа во писмото.
Бараат да се продолжи важноста на документите и по 12-ти феврури, да се воведат онлајн услуги за обновување на документи со верификација на ликот и отпечаток од прст, како и да се вработи стручен персонал во сите македонски амбасади и конзулати.
Загрижени за тоа како ќе гласаат на изборите, бараат од Спасовски да воведе специјални мерки за гласање за дијаспората, што ќе им овозможи да учествуваат во изборите иако документите истекуваат.
Но, од МВР велат дека како и до сега, секој граѓанин на Македонија може да влезе во земјава и ако му се истечени документите, а тука да ги обнови.
Министерот Османи синоќа се сретна со грчката амбасадорка каде се разговарало и за пасошите, односно дали е возможно да се продолжи рокот со оглед на тоа што според Преспанскиот договор тој завршува на 12ти февруари, а епилогот од разговорот беше договор за поблиска координација. Премиерот кажа дека личните карти ќе важат и по истекот на рокот, а за пасошите уште се разговара.
Од ВМРО-ДПМНЕ наредната недела ќе поднесат иницијатива до Уставниот суд за продолжување на времената мерка, во меѓувреме и денеска во МТВ и Беко стотици граѓани чекаа да си ги подигнат личните документи.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
