Хуманитарната помош пристигна во Газа
Првата хуманитарна помош влезе во појасот Газа. Конвојот од 20 камиони утрово ја мина границата Рафа, единствениот граничен премин меѓу Египет и палестинската енклава, кој не е контролиран од Израел.
Пакети храна, вода и лекови се внесени во Газа, но не и гориво, потврди Израел. Хамас порачува дека ова нема да го промени текот на војната.
- По инструкција на владиниот ешалон, беше внесена помош преку преминот Рафах, транспорт, храна, вода и лекови, односно само за населението во јужната област на Газа, горивото не беше внесено во Газа. Хуманитарните услови во појасот се под контрола, продолжуваме да нагласуваме дека жителите на северот треба да се преселат на југ, а хуманитарната помош што отиде во појасот ќе биде доставена таму, вели Даниел Хагари, портпарол на израелската армија
Хуманитарната помош сепак не ги запре воените операции во текот на ноќта и утрово. Израел погоди воени цели на Хезболах кои ги смета за закана. Хамас во текот на ноќта ослободи американски заложници, мајка и ќерка кои биле киднапирани на 7 октомври.
Светските лидери пак пристигнаа и на мировниот самит за Газа кој го свика Египет. Самитот го отвори палестинскиот претседател кој порача – нема да заминеме.
- Да бидеме јасни. Поплаките на палестинскиот народ се легитимни и долги. Не можеме и не смееме да го игнорираме поширокиот контекст за овие трагични настани, долготрајниот конфликт и 56-годишната окупација без крај. Но, ништо не може да го оправда нападот на Хамас кој ги тероризираше израелските цивили. И тие одвратни напади никогаш не можат да го оправдаат колективното казнување на палестинскиот народ, вели Антонио Гутереш генерален секретар на ОН
Точно две недели од стартот на конфликтот, досегашните проценки се дека од двете страни во воените жаришта бројот на жртви е близу 6000, од кои најголем број или над 4000 се Палестинци.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
