Human rights watch: Пресудите за Тачи и други лидери на ОВК се важен чекор кон правдата

Првостепените пресуди за воени злосторства против поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и тројца други поранешни лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) претставуваат важен чекор кон утврдување одговорност за жртвите од конфликтот во Косово во 1998 и 1999 година, соопшти „Хјуман рајтс воч“.
Специјализираните совети на Косово, чие седиште е во Хаг, ги прогласија Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими за виновни за воени злосторства, меѓу кои убиство, тортура, сурово постапување и незаконско или произволно апсење и притворање.
Четворицата беа ослободени од обвиненијата за злосторства против човештвото, бидејќи судот оцени дека Обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека конкретните дела биле насочени против цивилно население.
Тачи и Красниќи беа осудени на по 25 години затвор, Весели на 18, а Селими на 13 години.
Пресудата се однесува на злосторства извршени во Косово и во северна Албанија врз косовски Албанци, Срби, Роми и други лица.
Според судските наоди што ги пренесува „Хјуман рајтс воч“, четворицата обвинети биле кривично одговорни за незаконското апсење и притворање 385 лица во објекти на ОВК, за тортура врз 303 лица, сурово постапување кон 49 лица и за убиство на 96 луѓе.
Меѓу жртвите имало косовски Албанци што биле сметани за политички противници или соработници на српските власти, како и Срби и Роми.
Судиите нагласиле дека ОВК не била предмет на судењето и дека процесот не се однесувал на легитимноста на нејзината борба, ниту на злосторствата извршени од српските и југословенските сили врз косовските Албанци.
Пресудата, како што посочиле, се однесува исклучиво на индивидуалната кривична одговорност на четворицата обвинети за конкретни злосторства.
„Хјуман рајтс воч“ укажува и дека судењето се одвивало во „атмосфера на заплашување сведоци“. Судот утврдил дека дел од сведоците давале невистинити искази или ги менувале своите претходни сведоштва, а стравот за сопствената безбедност можеби влијаел врз нивното сведочење.
Против Тачи и уште четири лица пред Специјализираните совети се води и одделна постапка по обвинение за попречување на правдата.
Организацијата оценува дека пресудата е донесена во услови на сè уште нецелосно утврдена одговорност за злосторствата извршени за време на војната во Косово, вклучувајќи ги и злосторствата на српските и југословенските сили.
Српските судови досега со правосилни пресуди осудиле 17 лица за воени злосторства поврзани со Косово, меѓу кои 15 Срби. Постапките, сепак, главно биле насочени кон сторители од понизок ранг, а не кон високи воени или полициски функционери.
„Хјуман рајтс воч“ смета дека пресудата од 16 септември треба да поттикне нови напори за задоволување на правдата за сите жртви од војната во Косово, без оглед на нивната етничка припадност или на страната на која припаѓале.
-Оваа пресуда испраќа важна порака до жртвите и нивните семејства дека дури и моќните лидери не се надвор од дофатот на правдата – изјави директорот на „Хјуман рајтс воч“ за Европа и Централна Азија, Хју Вилијамсон.
МИА
Ново на Сител
-

Преглед на вестите од светот
-

Бајрами со лисици во Кривичен – не чувствува вина за случајот „Лотарија“
-

Нов случај на врсничко насилство во Ѓорче Петров
-

СДСМ го обвинува Мицкоски за изолација, Владата бара предвидливост на процесот
-

ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ ги бираа судиите и обвинителите кои сега се соработници на криминалот и корупцијата
-

Левица против скратување на боледувањата
-

Решение за превозниците е склучување билатерални договори
-

Трет состанок на министрите за животна средина од Западен Балкан за Зелената агенда
