Хрватска доби заем од ЕУ во вредност од 1,7 милијарди евра наменет за модернизација на одбраната

Хрватска и Европската Унија денеска потпишаа договор за заем вреден 1,7 милијарди евра наменет за зајакнување на одбранбените капацитети на земјата.
Договорот за заем во рамките на инструментот „Безбедносни мерки за Европа“ (SAFE) во Бански двори го потпишаа хрватскиот министер за одбрана, Иван Анушиќ, министерот за финансии, Томислав Ќориќ, и еврокомесарот за одбрана, Андриус Кубилиус.
– Станува збор за заем од 1,7 милијарди евра наменет првенствено за инвестиции во германски тенкови „Леопард 2“ (Leopard 2), француски хаубици „Цезар“ (CAESAR), чешки камиони важни за транспорт и логистика, како и за различни видови муниција – изјави пред потпишувањето хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Тој додаде дека станува збор за поволен заем со рок на отплата од 45 години.
Пленковиќ нагласи дека со тоа Хрватска се приближува до исполнување на новите цели на НАТО за зголемување на издвојувањата за одбрана на пет проценти од БДП до 2035 година.
НАТО на Самитот во Хаг минатата година постави цел од 3,5 проценти за воени трошоци и дополнителни 1,5 проценти за инвестиции со двојна намена. Пленковиќ изјави дека неговата влада за десет години тројно го зголемила буџетот за одбрана, кој во 2025 година достигнал 2,1 процент од БДП, при што околу една третина од средствата се наменети за модернизација на армијата.
Кубилиус, првиот европски комесар за одбрана и поранешен премиер на Литванија, оцени дека Европа се соочува со „тешки времиња“ и повеќе војни. Тој го нарече SAFE „инструмент без преседан“ и ја пофали Хрватска за, како што рече, „јасното лидерство во преземањето одговорност за сопствената одбрана“.
Кубилиус ја претстави Хрватска како „пример за другите држави“ со слична големина, издвојувајќи го воведувањето воен рок, модернизацијата на воздухопловните сили и лидерството во европските иницијативи за развој на беспилотни летала.
Министерот Ќориќ претходно изјави дека од 1,7 милијарди евра достапни за Хрватска, 255 милиони евра ќе бидат исплатени како предфинансирање. Заемот се финансира преку задолжување на Европската Унија на меѓународните пазари на капитал, а на земјите членки им се става на располагање под поволни услови, со долг рок на доспевање и грејс-период.
Средствата за Хрватска ќе бидат достапни до 31 декември 2030 година, со рок на отплата до 45 години и грејс-период од 10 години за отплата на главнината. Средствата за отплата на заемот, каматите и другите трошоци ќе се обезбедуваат од државниот буџет на Хрватска преку Министерството за финансии.
МИА
Ново на Сител
-

Поранешен директор на ЦИА предупредува дека војната со Иран може да трае со месеци
-

Рубио: Не е променета политиката на САД кон Тајван
-

Хрватска доби заем од ЕУ во вредност од 1,7 милијарди евра наменет за модернизација на одбраната
-

Во Белград уапсен возач осомничен за обид за убиство при пробивање студентска блокада
-

Меѓаши: Ниту едно дете не смее да чека инцидент за да биде заштитено, над 8.000 ученици дел од активности за побезбедни училишта
-

Путин набрзо ќе ја посети Кина
-

ОЈО: Истрага за претседател на суд и судски администратор
-

Рокас: Има забрзување на процесот на реформите
