Хемикалија за производство на детергенти ги побели Лепенец и Вардар
Хемикалија за производство на детергенти е неофицијално супстанцата која го побеле Вардар. Оваа супстанца се влеала во речното корито на Вардар преку притоката Лепенец. По 7 дена, само извештајот изработен во лабораторијата на ЈП Водовод и канализација е завршен и веќе е испратен до Државниот инспекторат за животна средина и ресорното министерство. Нема информација ниту кој е сторителот и покрај тоа што уште првиот час по појавата на пената, градот со своите инспектори го бараше сторителот со дрон.
Од Државниот инспекторат за животна средина пак велат дека сè уште ги немаат податоците кои треба да ги споредат и од нивната лабораторија, бидејќи примероци од водата беа земени од двете институции Градот и Државниот инспекторат.
Додека трае лавиринтот меѓу лабораториите и се чека конечниот официјален одговор за тоа кој стои зад овој еколошки инцидент, од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје уверуваат дека водата за пиење во главниот град е целосно безбедна.
Во текот на ден 30.07.2026 се земени:
42 примероци од водоводната мрежа на град Скопје од кои 4 примероци се од бунарскиот потег Нерези-Лепенец. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци од водоснабдителниот систем на град Скопје ОДГОВАРААТ на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење(Службен весник на РМ, бр.183/18).
Сепак, бавноста во откривањето на сторителот предизвика револт во јавноста.
Од граѓанската иницијатива „Зелен Хуман Град“ реагираа дека ваквите слики се последица на недоволната контрола врз индустриските капацитети. Тие бараат итно објавување на резултатите, ригорозни санкции за одговорните и крај за, како што велат, неказнетоста за екоцидот врз скопските реки.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
