Македонија
21. December 2022 - 16:33

Грковска најави кривична одговорност за тројца функционери, ВМРО-ДПМНЕ бара да ги објави имињата

Вицепремиерката Грковска иницирала кривични постапки за тројца функционери. Без да открива имиња, во интервју за МИА Грковска вели дека борбата со корупцијата е непристрасна и ќе се води против секој кој ги прекршил законите без разлика дали е функционер или припадник на било која партија. Во оваа насока нема да ја спречат ниту, како што вели, добронамерните укажувања и притисоци со кои се соочува изминатите 10тина месеци.

Непристрасно одлучуваме без разлика за кого станува збор, дали е министер во Владата, директори во јавни институции… Како и да е за нас воопшто не е важно, туку е важно само дали има некаква основа за евентуална злоупотреба, која понатака ја проследуваме до надлежните институции и како фидбек од нивна страна добивме дека за две од нив постои основа за покренување на кривична постапка. Третиот е прилично голем. Скоро го поднесовме и затоа не очекуваме до крајот на годинава да може да имаме некаков исход, изјави Грковска.

Детали не открива ниту премиерот Ковачевски, кој вели дека позицијата на Грковска не е истражен орган, но е адресата каде граѓаните и институциите може да пријавуваат сомнеж за корупција.

Лидерот на опозицијата пак ја повика Грковска да не шпекулира и да ги објави имињата на осомничените функционери.

Претпоставувам дека Грковска има некое посебно овластување што е над сите овластувања. И таа може да биде истовремено и истражен орган и обвинител и судија, а богами и шпекулант. Затоа што чесно е, ако вицепремиер на една држава дава таква информација да каже имиња. Затоа што се останато е дефокус од вистинската суштина, рече Мицкоски.

Најавите за засилена борба со корупцијата доаѓаат во период кога сите анкети на јавното мислење покажуваат пад на довербата во институциите, а американската и британската амбасада јавно порачаа дека континуирано расте корупцијата во највисоките редови на власта. Корумпирани политичари пред две недели во земјава детектираше и американски тим експерти.