Ѓорѓиевски: Наскоро тендер за целосно сервисирање на жичницата, остранувањето на дивоградбите продолжува

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски вечерва најави дека наскоро ќе има тендерска постапка за целосно сервисирање на жичницата на Водно. Тој уште еднаш нагласи дека до крајот на сезоната, жичницата нема да биде ставена во функција.
- Ќе има постапка објавена за скоро време, тендерска, во која ќе треба да се сервисира целосно. Јас кажав дека до крајот на сезоната нема да биде ставена во функција. Ако ревитализацијата биде целосно завршена и кога јас ќе бидам безбеден со моето дете да се возам во неа, тогаш ќе дозволам да работи. Во спротивно, нема да дозволам ничиј живот да биде загрозен, на кој било скопјанец или на кое било дете во Скопје, поради несовесноста на службите во минатото, напомена Ѓорѓиевски во дневникот на ТВ Сител.
Тој се осврна и на неодамнешното рушење на тобакото „Али“ кое беше лоцирано на тротоар на Бит Пазар, испраќајки порака дека целта на Градот е да нема дивоградби.
- Ноќеска е тргнато и она тобако што беше после тобакото „Али“, кое 15-тина години исто така оневозможуваше користење на велосипедска и пешачка патека. Мојот успех е во тоа - 15 години таму полицајци се удираа во пајаци, граѓаните беа оневозможени да функционираат нормално, низа сообраќајки имаше поради застанување на одредени возила и никој не можеше да го отстрани тобакото. Јас сум тој градоначалник што го отстрани тобакото. Може да има поделени мислења, но јас ја постигнав целта. Таму не постои веќе тобакото „Али“, не е блокиран преминот за патници. Од друга страна, целта ни е да се исчисти целиот тој потег, до крај и да биде нормална велосипедска и пешачка патека што граѓаните безбедно ќе ја користат. Тоа го правам за граѓаните и ќе успеам во тоа, потенцира градоначалникот.
На прашањето дали ќе има постапки за големи, габаритни објекти кои се дивоградби, Ѓорѓиевски одговори дека со сите општини има склучено меморандум за соработка.
- Градежната инспекција е на општините. Со сите склучивме меѓуопштинска соработка во која ги нудам своите капацитети, на Градот, на јавните претпријатија, за да постапуваме. Секаде каде што ќе алармира одредена општина, каде што ќе има изготвено решение за отстранување одреден објект, колкав сака нека е тој објект, а станува збор за дивоградба, веднаш сме подготвени како Град Скопје да влеземе и да го решаваме проблемот, односно, да ја отстраниме дивоградбата. Моја должност е да ги отстранам сите објекти што зафаќаат јавна површина во надлежност на Град Скопје, без разлика дали се времени или цврсти, објекти покрај кои 15 години поминувале одредени градоначалници, но ја вртеле главата на друга страна, плашејќи се да погледнат натаму, а камоли да постапат. Ќе овозможам безбедни пешачки и велосипедски коридори за нашите сограѓани. Тоа го ветив во кампањата и така постапувам, подвлече Ѓорѓиевски.
За дивиот пешачки премин, повтори дека разговарал со градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, како и дека има две опции: да се обезбедат лифтови за надпатникот или тој да се отстрани и да се направи регуларен пешачки премин, со семафори. Граѓаните кои биле консултирани, се за поставување регуларен пешачки премин, по сите стандарди.
Во врска со минатонеделното невреме во Скопје, поплавените булевари и подвозници, како и капацитетот на атмосферската канализација, рече дека се генерално мапирани критичните точки. Суштината, според Ѓорѓиевски, е да се биде подготвен и брзо да се реагира.
- За брзо време се справивме со предизвикот, со оглед дека беше огромна количината на дожд. За 40 минути веќе беше овозможено нормално функционирање. Беа стационирани повеќе цистерни на „Водовод и канализација“, но и на нашата Противпожарна бригада помогн да го решиме предизвикот. Влеговме подготвени во процесот. Факт е дека неколку точки се критични: булеварот „Србија“, каде што е извесно дека скоро ќе имаме решение, како и „Христијан Тодоровски Карпош“. Тоа беа две од трите точки каде што имавме сериозен проблем. И третата точка каде што реално не постои можност да најдеме решение зашто толкав е капацитетот на излезот на атмосферската канализација, е делот кај Ист Гејт што се поплави, објасни Ѓорѓиевски и оцени дека проблемот е во тоа што, кога се изработувале одредени проекти, неплански и неодговорно се пристапувало.
МИА
Ново на Сител
-

Откажан протестот на вработените во УЈП - добиле допис за дисциплински постапки
-

Договор за автопатот Скопје-Блаце
-

Нема кој да казнува за непочитување на Законот за употреба на македонскиот јазик
-

Преглед на вестите од светот
-

Измените на Изборниот законик остануваат блокирани во Собранието
-

Ново судење за Пулс - се читаат пораки од телефонот на газдата на дискотеката, Деко
-

Грант од ЕБОР за изградба на автопатот Скопје-Блаце
-

Неопходна е поголема државна поддршка за спас на земјоделството од климатските промени
