Гаши за Законот за правичната застапеност: Ќе го искористам правото од Деловникот да проценам кога може да го повикам пленумот на гласање по исцрпената расправа

Според Деловникот, оставено е на претседателот на Собранието да одлучи кога, по исцрпената расправа, може да го повика пленумот на гласање. Јас ќе го искористам тоа право да проценам и да одлучам кога е најдобро тој закон да се стави на гласање - истакна на денешниот месечен брифинг со новинарите претседателот на Собранието, Африм Гаши, прашан за Законот за правичната застапеност за кој се завршени сите предвидени процедури.
- Не е случајно тоа така оставено и затоа јас ќе го искористам тоа право да проценам и да одлучам кога е најдобро тој закон да се стави на гласање. Сакам да знаат сите, и граѓаните и опозицијата, дека не планираме скришум да го донесеме. Ќе биде свикана седницата, ќе бидат повикани сите пратеници и ќе одлучи пленумот. Моја обврска е да одлучам кој е најдобриот и најпригоден момент за одлучување, а потоа, како ќе одлучи пленумот, сите тоа ќе го испочитуваме - рече претседателот на Собранието.
Во однос на блокирањето на пленарните седници со процедурални забелешки од албанските опозициски пратеници, Гаши нагласи дека нивниот обид да се блокира работењето и одржувањето на пленарните седници тој нема да го дозволи.
- Првпат се прави обид за блокирање на седниците на Собранието со процедурални обраќања. Координаторите имаат право да се изјаснат еднаш за процедурата во текот на седницата. Иако тоа не е експлицитно наведено во Деловникот дека може само еднаш, сепак се подразбира. Сите пратеници и координатори не може да го повторуваат истиот аргумент континуирано во текот на целиот ден бидејќи тоа ја губи смислата на процедуралната забелешка и е обид да се блокира Собранието, иако целиот процес на Жан Моне за донесувањето на новиот Деловник беше ориентиран за создавање Деловник што не дозволува блокирање на Собранието. Не треба да се блокира Собранието со процедурални обраќања и јас нема да го дозволувам тоа - рече тој.
Прашан за предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје - европска престолнина на културата 2028 година“, по скратена постапка, Гаши потенцира дека во најбрз можен рок ќе треба да седнат пратеничките групи и координаторите за да видат дали проблем е содржината на законот или процедурата што се однесува со Бадентеровото мнозинство.
- Апсолутно, тој закон ќе се гласа со Бадентерово мнозинство, затоа што и за тоа имаше двоумења. Ако има проблем со другиот дел од содржината, ќе треба да се разговара. Ако треба да се поправи, ќе се поправи. Се надеваме дека во најбрз можен рок повторно ќе дојде во собраниска процедура и во пленумот и да биде изгласан. Членот 170 е еден од членовите што често се користи, особено во минатото. Службите дисциплинирано увиделе дека само во минатиот мандат 161 пат е употребено тоа право. Тоа покажува дека е многу често употребен и многу потребен инструмент за добро водење на седницата и за регуларно почитување на Деловникот. Свикав вонредна координација и увидовме дека има отпор од опозицијата. Но, нормално, мнозинството не секогаш сака по секоја цена нешто да се донесе. Ако има отпор и аргументирани ставови, сакаме и ние понекогаш да попуштиме, и така беше и вчера - посочи тој.
Гаши изјави дека никој не сака таа чест Скопје да биде град на културата да потпадне под сенката на јавните набавки.
- Не е целта до јавите набавки. Тука ни е работата што ќе правиме за таа 2028 година за Скопје навистина да блесне во делот на културата како престолнина на културата во Европа. Мислам дека не смееме да го изгубиме тоа предвид. „Скопје - град на културата“, тоа е голема чест за нашата држава и за нашата престолнина. Треба да направиме сè за да се одржи. Ако има проблем во законот, ќе треба да го подобриме - рече тој.
Во однос на реакциите во јавноста што тој нема да присуствува на чествувањето за Илинден на Мечкин Камен бидејќи ќе учествуствува на конференција во Египет, Гаши рече дека иако нема да присуствува на одбележувањето на празникот, целата активност ќе биде организирана од страна на Собранието.
- Оваа посета е многу значајна. Од друга страна, државниот врв и државниот протокол утврдија дека Илинден ќе се чествува на најдобар можен начин, со учество на сите битни институции. Јас лично нема да одржам говор таму, но сум дел од организацијата - поканите се испратени во мое име, има собраниски делегации во сите места - и во Пелинце, и на Мечкин Камен, и пред Собранието. Собранието како институција ќе учествува целосно во одбележувањето на Илинден. Во исто време, мислевме дека не треба да се пропушти можноста да се учествува на една толку важна конференција. Имаме и официјална средба со претседателот на египетското собрание - рече тој.
Потенцира дека тој ги почитува сите државни празници и посочи дека не треба да има простор за сомнеж дали го почтува празникот или не.
- Сакам да ја информирам јавноста дека јас, како претседател на Собранието, ги почитувам сите државни празници. Тоа сум го покажал секогаш, од првиот ден во политиката, а особено сега во својство на претседател на Собранието. Мислам дека нема никаков простор за двоумење дали го почитуваме или не. Апсолутно, не треба да има таков простор. Како држава и како државен врв одлучивме дека треба да се искористат двете можности, од една страна, Илинден ќе биде организиран на најдобар можен начин со највисокиот државен врв, а од друга, ќе ја искористиме можноста да учествуваме на една толку важна конференција за државата - изјави спикерот Гаши.
Во однос на барањето на ДУИ за формирање анкетна комисија која ќе го испитува инцидентот во кој министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ навредил пратеници на седницата за реконструкција на Владата, Гаши истакна дека досега до Собранието не е пристигнато такво барање и доколку пристигне, тогаш ќе го разгледуваат и ќе одговараат доколку ги исполнува или не условите на Деловникот. Гаши потенцира дека снимките од инцидентот се забележани од безбедносните камери, кои се контролираат од Министерството за внатрешни работи, и оти без истражна постапка, никој нема право да ги даде.
Гаши брифира дека овој месец Собранието достигнало рекорд и одржало над 16 седници, вклучително со продолженија. Како позначајни посети во Собранието ги посочи посетата на индиската претседателка Друпади Мурму, на еврокомесарката Марта Кос, на претставниците на Институтот ЕПИ и НЕД од САД и други посети на амбасадори и функционери од други земји.
Пратениците заминуваат на одмор по чествувањето на Илинден и треба да се вратат на работа на 21 август.
МИА
Ново на Сител
-

Активни пожари на грчките острови Крит, Андрос, Парос и Калимнос – евакуирани неколку населени места
-

Нетанјаху: Трамп ќе одлучи за иднината на судирот со Иран
-

Високите температури и ветерот ја отежнуваат борбата со пожарите во Турција
-

Собранието по неколку паузи ја заврши седницата за пратенички прашања со едно поставено прашање
-

Запленети над 43 килограми марихуана, приведени 241 лице по еден месец од формирањето на Task force
-

Тошковски: Петкратно зголемена ефикасноста во постапувањето по случаи на семејно насилство
-

Двајца од седумте хоспитализирани со западнонилска треска се во критична состојба, за уште тројца други се чекаат резултати
-

АПЕЛ ЗА ПОМОШ: Теодора, мајка на 18-месечно бебе, се бори со рак – потребни се 3,4 милиони денари за лекување
