Гаши: Убеден сум дека нема да има предвремени избори

Убеден сум дека нема да има предвремени избори, изјави денеска претседателот на Собранието, Африм Гаши, на редовниот понеделнички брифинг со новинарите.
На прашањето на што се должи ова негово убедување имајќи ги предвид изјавите што деновиве се пласираат во јавноста, Гаши рече дека тоа е резултат на неговата политичка интуиција.
Информирајќи за денешната редовна координација со првите луѓе на пратеничките групи во Собранието, Гаши рече дека претставникот на Левицата го отворил прашањето за Изборниот законик поради изнесените ставови во однос на предвремените избори. Претседателот на Собранието рече дека е добро да се разговара и дека на средбата нагласил дека доколку има подготвеност, работната група во Собранието и координаторите да ги продолжат разговорите за Изборниот законик.
Во однос на законот за правичната застапеност, кој е заглавен во Собранието поради блокада на бадентерот и ДУИ, Гаши рече дека има комуникација со лидерите, но негира дека меѓу нив е и Али Ахмети, претседателот на ДУИ.
Претседателот на Собранието најави дека набргу ќе биде свикана седница на Комисијата за надворешна политика, на која новите амбасадори ќе ги презентираат своите приоритети.
На координативната средба било побарано на седница на Влада да се разгледа прашањето за неприсуството на одредени министри на седниците за поставување опозициски и пратенички прашања. Исто така, побарано било преместување на датумот на седницата за поставување пратенички прашања поради најава дека премиерот на 24 септември ќе биде во Њујорк на Генералното собрание на ОН.
Гаши исто така информира дека утре треба да продолжи 12. пленарна седница, како и дека ќе бидат закажани и продолженија на 73., 94. и 100. собраниска седница.
МИА
Ново на Сител
-

Фон дер Лајен доаѓа во Скопје – можна ли е деблокада на евроинтегративниот пат?
-

Гаши е убеден оти нема да има предвремени избори, но се актуелизира Изборниот законик
-

Матичен ќе издава боледување до 5 дена, Фондот ќе проверува дали пациентот е дома
-

Стивнува епидемијата на западно-нилска треска - Двајца пациенти се уште се во критична состојба
-

Производителите на пиперки го блокираа патот Прилеп-Битола, велат дека откуп воопшто нема
-

УГД - Летна школа, како до почист воздух, вода и почва
-

ЕУ донираше возила и опрема за Царинската управа
-

Преглед на вестите од светот
