Македонија
23. јуни 2026 - 15:01

Гаши од Софија: Остануваме цврсто посветени на европските вредности

Остануваме цврсто посветени на европските вредности, истакнал собранискиот претседател Африм Гаши во Софија. Од собраниската прес-служба попладнево информираа дека делегација на Собранието на Република Северна Македонија во состав на претседателот Гаши, како и пратениците Петар Ристески и Илир Демири, членови на делегацијата во ПС на ПСЈИЕ учествува во работа на 13. пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ што се одржува од 21 до 23 јуни 2026 година во Софија, Бугарија. 

- Во рамките на пленарната сесија се одржаа седници на Постојаниот комитет како и на Генералната комисија за економија, инфраструктута и енергетика, Генерална комисија за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка, како и Генералната комисија за социјален развој, образование, истражување и наука на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ). Сите состаноци се одржуваат во рамките на бугарското претседателство со ПСЈИЕ 2025-2026 - соопштија од собраниската прес-служба.

На генералната дебата на пленарната сесија на тема „Зајакнување на добрососедските односи и европската перспектива на регионот“, се обратил и собранискиот претседател Гаши.

- Чест ми е што денеска се обраќам на 13. пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, посветена на тема од клучна важност за иднината на нашиот регион, „Меѓупарламентарен дијалог, зајакнување на добрососедските односи и европската перспектива на регионот“. Во време на сериозни геополитички предизвици, кога Европа се соочува со нови безбедносни, економски и социјални предизвици, Југоисточна Европа има обврска да покаже политичка зрелост, визија и одговорност. Нашите граѓани очекуваат стабилност, развој и европска иднина, а наша задача е да ги исполниме тие очекувања преку дијалог и соработка - подвлекол Гаши.

Според него, меѓупарламентарниот дијалог не е само дипломатска форма.

- Тој е мост на доверба меѓу народите, простор каде што разликите се надминуваат преку аргументи - а не преку предрасуди, каде што се градат партнерства наместо поделби. Парламентите се местото каде што демократијата ја наоѓа својата суштина, а токму преку парламентарната дипломатија, можеме да придонесеме за посилна регионална поврзаност и поголема меѓусебна доверба - истакнал Гаши.

Тој се осврнал на тоа дека како држава сме посветени на негување на добрососедските односи и нагласил дека европската интеграција не е само политичка цел за земјата.

- Северна Македонија останува длабоко посветена на негувањето на добрососедските односи. Цврсто веруваме дека отворената комуникација и взаемното почитување се единствените алатки способни за надминување на историските поделби. Со тоа што седиме на иста маса и ги синхронизираме нашите законодавни рамки, ние не само што ги решаваме разликите - туку активно градиме мостови. За Република Северна Македонија, европската интеграција не е само политичка цел. Таа е стратешка определба која е поддржана од генерации на граѓани повеќе од три децении. Нашата земја помина исклучително тежок и комплексен пат. Донесовме тешки одлуки, направивме историски компромиси и покажавме подготвеност за решавање на отворените прашања со нашите соседи, секогаш водени од визијата за заедничка европска иднина. Неколку земји - кандидатки во историјата на Европската Унија направија толку длабоки и чувствителни чекори во име на европската перспектива како што тоа го направи Северна Македонија. Тоа беше пат исполнет со надеж, но и со разочарувања. Наспроти исполнетите критериуми и позитивните оценки од европските институции, процесот честопати беше изложен на билатерални условувања кои создадоа чувство на неправда меѓу нашите граѓани - истакнал Гаши.

Сепак, како што посочил тој, „ние остануваме цврсто посветени на европските вредности“.

- Веруваме дека тие добрососедските односи се темелот на стабилноста и дека сите отворени прашања можат да се решат единствено преку дијалог, взаемно почитување и разбирање. Веруваме дека европската интеграција на Западен Балкан е од заеднички интерес за целиот континент. Затоа очекуваме процесот на пристапување да биде предвидлив, фер и базиран на европски критериуми. Секое понатамошно одложување - не само што ги ослабува кандидатите, туку и ја намалува довербата во самиот европски проект. Мораме да ја забрзаме нашата заедничка работа во рамките на Стратегијата JИЕ2030 (SEE2030). Со унапредување на нашата дигитална трансформација, заштита на нашиот човечки капитал и поттикнување на регионалната конкурентност, покажуваме дека не само што ја чекаме Европската Унија - туку активно ги градиме европските стандарди дома. Нашата генерација има историска одговорност да ја заокружи европската интеграција на Југоисточна Европа. Да покажеме дека соработката е посилна од конфликтот, дека дијалогот е помоќен од блокадите и дека европската иднина е поважна од секојдневните политички разлики - порачал Гаши во неговото обраќање.

Како што соопштија од собраниската прес-служба, Гаши посакал да продолжи да се гради регион на доверба, стабилност и просперитет - регион што ќе биде целосно интегриран во европското семејство.

МИА