Франција воведува целосна забрана за користење социјални мрежи за деца под 15 години

Францускиот парламент усвои закон со кој од јануари 2027 година ќе биде забранет пристапот до социјалните мрежи за лица помлади од 15 години. Со тоа Франција станува првата европска земја што воведува целосна забрана за користење на тие платформи за деца, а сите корисници ќе мора да ја потврдат својата возраст.
Одлуката е донесена поради зголемената загриженост за влијанието на социјалните мрежи врз менталното здравје на децата, во период кога и Обединетото Кралство и Европската унија подготвуваат слични ограничувања.
Законот ќе се воведува постепено. Од септември оваа година, лицата помлади од 15 години нема да можат да отвораат нови профили, а проверката на возраста ќе стане задолжителна за сите нови корисници.
Од јануари 2027 година мерката ќе се прошири и на постојните профили, што значи дека сите корисници во Франција ќе мора да докажат дека имаат најмалку 15 години за да продолжат да користат социјални мрежи. Платформите ќе мора да применуваат алатки за проверка на возраста одобрени од францускиот регулатор за заштита на приватноста.
Мерката ја поддржа и францускиот претседател, Емануел Макрон, кој ја најави како едно од обележјата на крајот од неговиот десетгодишен мандат. Владата тврди дека онлајн алатките за проверка на возраста се ефикасни и безбедни, но критичарите се сомневаат во спроведливоста на законот.
Најголемите забелешки се однесуваат на заштитата на приватноста, ефикасноста на алатките за проверка и можноста младите да најдат начини за заобиколување на ограничувањата. Агенциите пренесуваат и критики поради брзината со која бил усвоен законот.
Министерката за дигитални технологии, Ан Леананф, изјави дека „алатки за проверка на возраста веќе постојат“.
Франција е втората земја во светот по Австралија што воведува ваква забрана. Австралија во декември воведе ограничување за користење социјални мрежи за лица под 16 години, но податоците покажуваат дека голем број млади и понатаму имаат пристап до платформите.
Австралиската Комисија за електронска безбедност во март објави дека седум од десет деца под 16 години кои имале профил пред забраната се уште имаат „одреден пристап“.
Тама Ливер, професор на Универзитетот Кертин во Перт, оцени дека австралиската забрана технички не успеала целосно, но покажала како може да се спроведат такви мерки. Тој смета дека младите треба да бидат дел од процесот на одлучување, а ограничувањата да се воведуваат „со нив, а не над нив“.
Ливер оцени дека францускиот модел има поголеми шанси за успех бидејќи бара проверка на возраста за сите корисници, но предупреди дека тоа носи дополнителни ризици за приватноста на податоците и можност младите да се префрлат на помалку регулирани онлајн простори.
Ограничувањето на пристапот до социјалните мрежи е се почеста тема во Европа. Поранешниот премиер Кир Стармер минатиот месец најави дека во Обединетото Кралство од јануари 2027 година пристапот до социјалните мрежи ќе биде забранет за лица под 16 години. Тој предложи и можност за воведување „полициски час“ на Интернет за тинејџери од 16 и 17 години.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во мај предложи „одложување на пристапот до социјалните мрежи“ за децата во Европа и најави дека нови законски предлози би можеле да бидат претставени наредните месеци.
МИА
Ново на Сител
-

Невремето предизвика големи штети врз земјоделските посеви во Струмичко
-

Ден по големото невреме што го погоди Скопје
-

Во Гостивар состојбата се следи тековно
-

Реконструирано одделението за трауматологија во ЈЗУ Универзитетска Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“
-

Втор ден од официјалната посета на претседателката на Индија во Македонија
-

Незадоволство во Ѓуземелци, од Општина Лозово велат дека се дезинформации
-

Тема на денот со доктор Драган Даниловски
-

Големо невреме го зафати Скопје
