Финансиски експерти: Инфлацијата останува најголем предизвик за македонската економија
Во услови на висока инфлација и големи економски предизвици Шпаркасе банка лани остварила профит од 16,7 милиони евра. Банката по 10 пат организираше Ерсте појадок за инвеститори на кој финансискиот сектор разговараше за идните движења на инфлацијата и како со тој проблем се справува Македонија, но и светот.
Од Шпаркасе велат дека и покрај сите предизвици, банката лани имала одлични финансиски резултати.
-Пораст на вкупната актива за 13,7% во однос на претходната 2021 година. Пораст од 10,2% на кредитното портфолио и 11,2% на депозитното портфолио. Притоа, на одредени позиции го задржавме, а многу позиции и го подобривме пазарното учество во банкарскиот на Северна Македонија. Но она што ни е особено битно е што ја зголемивме базата на клиенти, вели заменик претседателката на Управниот одбор на банката, Нина Неданоска.
Инфлацијата останува најголем предизвик за македонската економија. Од Шпаркасе велат дека нашата економија е мала, па надворешните влијанија се чувствуваат многу.
-Инфлацијата ги зголеми трошоците за бизнисите. Придонесе за повисоки трошоци со зголемување на платите на вработените за истата продуктивност. Што секако доведува до поголеми маржи на продадените добра, вели Неданоска.
Ескпертите од групацијата Ерсте велат дека постои ризик инфлацијата и наредната година да има висока стапка. Ако тоа се случи, тоа би значиле повторно поскапување на кредитите, а со тоа и помалку кредити во оптег, што ќе доведе до помала активност.
За решавање на проблемот со инфлацијата велат дека не постои едно магично решение, но постојат елементи на кои може да се работи.
-Или мора да се намали растот на платите или профитните маржи на некои компании во секторите каде цените пораснаа многу, ќе мораат да паднат. Значи, ако едно од тие две не се случи, не може ниту инфлацијата да падне. Зашто токму тоа се факторите кои доведоа до волку висока стапка на инфлација. Зборуваме за енергетскиот сектор, зборуваме за земјоделството, индустријата за храна и услужните дејности како рестораните, кафулињата. Токму таму цените најмногу растеа, но најмногу пораснаа и маржите, вели макроаналитичарот од Ерсте групацијата, Мате Јелиќ.
Првиот финансиер вели дека државата работeла на стабилизирање на економските текови и уверува дека инфлацијата ќе се намалува во наредниот период. Бесими вели дека државата морала да биде креативна во мерките што ги носи.
-Имаме зелена обврзница, граѓанска обврзница, втората е во процедура. И тука имавме соработка и со НБРМ и со банките. И други, со Комисијата за хартии од вредност и развој на секундарниот пазар и берзата, вели Бесими.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, пак, вели дека инфлацијата забавува, но вели дека треба да се внимава со макроекономските политики.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
