Македонија
5. May 2026 - 16:31

Филипче и Мицкоски различно гледаат на економската состојба во државата

Со Мицкоски буквално се случува економска катастрофа. Претседателот на СДСМ повторно побара таргетирани мерки од премиерот и Владата за зауздување на економските последици од случувањата на Блискиот исток. 
Вели, економијата оди надолу, сиромаштијата расте, работните места исчезнуваат, а инфлацијата силно забрзува.

- Премиерот одбива да воведе било какви мерки за било која категорија на граѓани, ранливи категории, пензионери, студенти, земјоделци. Истовремено одбива да ја зголеми минималната плата. Синдикалната кошничка значајно поскапе изминатиот период. За април е скоро 69.000 денари. За четири месеци е зголемена за 3.300 денари. Сѐ е поскапено, буквално сѐ, а граѓаните се сѐ посиромашни, рече Филипче.

Премиерот одговарајќи на новинарско прашање не кажа дали Владата планира нови мерки, иако во минатиот период кажа дека се разгледуваат таргетирани мерки за одредени категории на граѓани. Вели, намалувањето на ДДВ-то и акцизата се причината за тоа што Македонија имала најевтини горива во регионот. Мицкоски сепак очекува стапката на инфлација да ја следи инфлацијата кај соседите.

- Следам кај нашиот источен сосед инфлацијата е над 6%, Хрватска е тука некаде, помеѓу 5,5 и 6%. Кај јужниот сосед е помеѓу 4,5 - 5%. Така што, во тие рамки очекувам да биде и кај нас инфлацијата, но важно е да се види за основните прехранбени производи како ќе се движи месечната инфлација споредено со март. Она што го правиме со Државниот пазарен инспекторат, не очекувам таа да биде повеќе од 1%, зборува за месечната инфлација во однос на март месец, рече Мицкоски.

Државната статистика задутре ќе ги објави податоците за инфлацијата за месец април. Еден месец претходно, по два месеци стабилизација, поради случувањата на Блискиот исток, инфлацијата беше 4,9%.

Државната статистика исто така објави и дека секој петти Македонец живее под прагот на сиромаштија, а најзагрозени се еднородителските семејства и семејствата со три и повеќе деца.