ЕУ одобри 65,7 милиони евра од планот за раст на Македонија
Македонија добива 65,7 милиони евра за реформи и развој. Европската комисија од новиот финансиски пакет, освен за нашата земја која добива најмногу во регионот, 49 милиони евра ќе и припаднат на Албанија и 44,2 милиони евра за Црна Гора во рамки на Планот за раст . Ова следува по третото барање за исплата и позитивната оценка на Комисијата за спроведените реформски чекори во областите на образованието и дигитализацијата во Македонија, како и конкурентноста на бизнисот и иновациите во Албанија и Црна Гора.
Во однос на Македонија, како што информираат од европската комисија, оценетите реформи вклучуваат мерки за подобрување на финансирањето на основното и средното образование, како и мерки за проширување на пристапот до дигитална инфраструктура и ИТ-опрема во училиштата. Од исплатените 65,7 милиони евра, 30,6 милиони ќе бидат префрлени во државниот буџет, а остатокот ќе биде достапен за инфраструктурни и инвестициски проекти.
„Ова е јасна потврда за силната посветеност на Владата кон реформите, исполнувањето на обврските од Планот за раст и имплементацијата на европските вредности и стандарди на домашен план. Воедно, тоа претставува признание за сериозниот пристап, институционалниот капацитет и реформскиот напредок на државата“, напиша министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Со денешната исплата, вкупниот износ исплатен во рамките на овој фонд достигнува 212,8 милиони евра за Албанија, 89,3 милиони евра за Црна Гора и 142,1 милиони евра за Северна Македонија.
- Планот за раст прави вистинска разлика во секојдневниот живот на луѓето низ целиот Западен Балкан.. Во Северна Македонија, учениците ќе имаат подобар пристап до модерна ИТ опрема во училниците. Ова покажува како реформите се претвораат во видливи придобивки за граѓаните.“, напиша Марта Кос, еврокомесар за проширување
За разлика од Македонија, Албанија и Црна Гора , кои ги исполнија условите за оваа транша, Србија и Босна и Херцеговина се изоставени од оваа рунда бидејќи сè уште не ги исполниле целосно преземените реформски чекори што беа предуслов за распределба на овие средства.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
