Ескобар: Нема никого да подложам на тортура, но партнерите на САД се тие кои се посветени на евроинтеграциите
Партнери на САД можат да бидат само оние кои се посветени на европската интеграција, на НАТО, но и на борбата против корупцијата. Ова е клучната порака што денеска ја испрати специјалниот американски претставник за западен Балкан Габриел Ескобар. Тој е во дводневна посета на земјава, на само една недела од седницата на која почнаа уставните измени, но која не заврши со гласање поради тоа што власта не обезбеди 80 пратеници.
Иако вели дека не е дојден да прави притисок на ниту една страната, особено по изјавите од опозицискиот лидер Мицкоски дека нема да трпи меѓународен притисок за Уставот, сепак Ескобар беше јасен дека очекува процесот на устави измени да продолжи.
На Соединетите Американски Држави им е мило што таа процедура е започната и се надеваме дека ќе продолжи во интерес на вашите интеграции...Нема никого да подложам на тортура. Соединетите Американски Држави не избираат влади за земјите на НАТО, но поставуваме очекувања. САД ги гледа како природни партнери оние коишто се посветени на европската интеграција, на НАТО и на борбата против корупцијата
И премиерот Ковачевски кој утринава го прими Ескобар, демантира дека американскиот дипломат е викнат од Владата за да изврши притисок врз ВМРО-ДПМНЕ да гласа , но и тој признава дека разговорот со него бил за уставните измени. Ковачевски вели дека е реален оптимист и дека процесот на устави измени ќе биде успешен. Ги повика пратениците да донесат храбра одлука за продолжување на евроинтеграциите и ќе дозволат земјата до 2030 година да стане членка на ЕУ.
Разговаравме за успешниот тек на скринингот, а пред сѐ за отпочнувањето на процесот на отпочнување на уставни измени кое покрај ЕУ и САД го сметаат за навистина клучен и важен чекор во обезбедувањето на европска иднина и продолжувањето на европските интеграции на Северна Македонија..... Билатералните односи со Бугарија се билатерални и нема да влијаат на процесот на евроинтеграции. Потврдивме дека нови барања нема да има и секогаш ќе ја имаме поддршката од нашите искрени пријатели
Од Влада, Ескобар во американската амбасада на состанок го пречека Мицкоски. Иако по средбата лидерот на опозицијата од таму замина без изјава, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Мицкоски останал на ставот против уставни измени под бугарски диктат.
„На средбата беше потврден ставот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во врска со уставните измени. Претседателот Мицкоски потенцираше дека актуелната власт во Македонија за многу внатрешни политички прашања погрешно ја информира меѓународната заедница вклучително и САД. Уште еднаш беше афирмиран ставот на партијата дека суштинската заложба и приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е ЕУ и евроатланските вредности. Воедно, претседателот Мицкоски укажа дека единствено решение за излез од една ваква исклучително тешка ситуација, се одржување на предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе изберат влада со легитимитет“, пишува во соопштението од опозициската партија од каде велат дека постои и потреба од зајакнување на стратешкото пријателство меѓу двете држави.
Ескобар вчера беше примен на официјална средба од шефот на државата Пендаровски, а имаше и неформална вечера со Ковачевски, вицепремиерот Маричиќ и шефот на дипломатијата Османи.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
