Македонија
22. December 2022 - 16:39

Ескобар: Македонија е пример за регионот за процесот на кандидатура за ЕУ

Земјите од Западен Балкан се дел од Европа и немаат друга иднина освен интергацијата во европското семејство вели заменик помошникот државен секретар на САД.

Ескобар во интервју за Атлантскиот совет ја издвојува Македонија како позитивен пример за успешно справување со предизвиците и покрај бројните препреки од Бугарија. Ескобар е оптимист дека земјава ќе ги спроведе и неопходните уставни измени.

Македонија со кандидатурата е пример во регионот. Секогаш истакнувам дека во регион во кој има предизвици, интер и мултиетнички релации и мултиетничко управување,  Македонија се истакнува како многу добар пример како мултиетничка граѓанска држава и служи како добар пример за другите држави кои се соочуваат со истите прашања. Дополнително, тие сторија се, ги исполнија сите реформи, за да се отвори првата врата од пристапните преговори. Затоа, верувам дека оваа влада има волја, дека луѓето од Македонија го имаат капацитетот за да го сторат она што треба да станат полноправна членка на ЕУ, вели Ескобар.

Можното зголемување на влијанието на Русија во регионот, Ескобар очекува да го забрза процесот на европска интеграција за сите земји, иако вели дека најголем проблем на овој пат е високото ниво на корупција

Корупцијата е најголемиот проблем за регионот, национализмот и етничкото ривалство е навистина само маска за тоа. Јасно е дека партиите кои се најнационалистички во регионот се и најкорумпирани. Тоа е факт. Тоа не го кажува само американската влада , туку и независни организации, како Транспаренси Интернешнл и некои организации од европскиот граѓански сектор, како и домашни организации на граѓанското општество – истакна Ескобар.

Ескобар придружуван од советникот во Стеј департментот Дерек Шоле пред 10тина дена ги посетија Србија и Косово, а по нова година е најавена нивната посета и на Македонија.

Американската амбасада во Скопје пак изминатиов месец најави засилена борба со корупцијата, за што пред две недели пристигна и американски тим експерти, но засега се уште без информации кои македонски политичари ќе се најдат на црната листа на САД.