Македонија
17. July 2026 - 16:32

Експресниот пат Куманово-Страцин за целосно поврзување на Коридорот 8

Патната мрежа во Македонија се развива со две брзини. Додека на западното крило од Коридорот 8 веќе се работи на делниците Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани, а се расчистуваат и долгогодишните застои за автопатот Кичево-Охрид, поврзувањето кон Бугарија е заглавено.

На една од најкритичните точки, делот од Куманово до Страцин. Овие 30 километри се алката што недостига за модерна патна врска со источниот сосед, но за нив динамиката оди со далеку побавно темпо. Наместо почеток на градба, реалноста вели дека, дури следната година, ќе се чека зелено светло од Европската Унија за финансирање преку ИПА 3 програмата. Според директорот на ЈПДП, Коце Трајановски процедурите за изградба на експресниот пат допрва ќе стартуваат со тендер за физибилити студија во 2027 година.

Од Министерство за транспорт и врски велат: 

Во рамки на владината програма за развој на патната мрежа во Македонија, предвидено е изградба на експресен пат Страцин - Куманово во должина од околу 30 км.

Во овој момент во соработка со ЕУ се подготвува тендерската постапка за изработка на физибилити студија. Истата е предвидено да се финансира во рамки на ИПА 3 програмата. По изработка на физибилити студијата и нејзино одобрување од ЕК ќе се рапише и тендер за изведувач за оваа патна делница.

За бизнис секторот, брзата изградба на Коридорот 8 е од клучно значење бидејќи директно го олеснува увозот и извозот. Овој патен правец драстично ќе го скрати времето за транспорт на стоки, ќе ги намали трошоците на компаниите и ќе овозможи поголем прилив на странски туристи.

Автопатите кои се градат на Коридорот осум чинат околу една милијарда и петстотини милиони евра.