Македонија
5. July 2026 - 16:35

Експерти: Насилството меѓу малолетниците станува брутално

Од училишни дворови до улици – насилството меѓу малолетниците станува се побрутално, оценуваат експертите. Сцените од тепањето девојче во Аеродром и нападот со нож врз 12 годишник во Шуто Оризари се последни во низата инциденти што ја разбудија јавноста и го вклучија алармот во институциите.

Изразената изолација кај младите, дисфункционалните семејства, лошата социјална положба, според експертите се основата на врсничкото насилство. Загрижувачки е како што велат, тоа што се спушта возрасната граница за појавата на девијантно однесување, односно, сторители се помлади од 14 години па законски и не сносат кривична одговорност.

„Значи законот не предвидел санкција за деца под 14 години. И ме загрижува мене лично фактот што делот на наркоманијата ни се спушти под 14 години, којшто исто така е еден битен криминоген фактор за појава на целото ова насилство. Мислам дека затајува превенцијата, генерално на сите“, вели Љубомир Ѓурчевски, Пензиониран полициски началник.

Ѓурчевски вели дека, иако најчесто се очекува реакција од полицијата, тој како поранешен полициски началник потсетува дека улогата на полицијата е реактивна, односно постапува откако насилството е веќе случено. Превенцијата, вели треба да доаѓа од училиштата, стручните служби и центрите за социјална работа.

Но, како што додава, во пракса, институциите најчесто реагираат кога последиците се веќе видливи.

„Судот и Министерството за труд и социјална политика се овластени органи за одземање и на родителско право, доколку станува збор за запуштање, за негрижа на малолетно лице, за запуштање во воспитувањето. Треба да имаме згрижувачки домови каде што превентивно и воспитно ќе се делува на тие деца за да создадеме една здрава популација понатака... Но, исто така сум поборник и за санкции према родителите. Тоа е многу битно прашање, затоа што самото санкционирање на родителите ќе ја зголеми обврската за воспитување и грижа за малолетните деца“, вели Ѓурчевски.

Во меѓувреме, во полицискиот билтен и денеска се регистрираат настани во кои главни актери се малолетници. 15 годишник во Велес украл автомобил и удрил во ѕид, додека негов врсник од неготинско бил тешко повреден откако паднал со мотор кој го возел без дозвола.