ДЗР: Зголемени ризици од катастрофи, но недоволна подготвеност на системот за заштита и спасување

Во услови на зголемена изложеност на ризици од катастрофи, особено од шумски пожари, поплави и екстремни временски услови, системот за заштита и спасување во Македонија не секогаш располага со потребната стратешка, институционална и оперативна подготвеност за ефикасен одговор - констатира Државниот завод за ревизија.
Во извршената ревизија на успешност на тема „Градење систем за управување со кризи, заштита и спасување преку инвестиции во опрема и ресурси, одржување средства, со цел да се зголеми оперативноста, ефикасноста и ефективноста“ ревизорите утврдиле слабости во стратешкото планирање, координацијата и управувањето со ресурсите, недоволни човечки и материјални капацитети, како и ограничено инвестирање во модернизација и опремување.
Според ревизорите, шумските пожари се еден од по изразените ризици од катастрофи поради климатските промени.
Според податоците во Предвремениот извештај за шумските пожари во Европа, Блискиот Исток и Северна Африка за 2024 година, изготвен од Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија во рамките на Европскиот информациски систем за шумски пожари (EFFIS), базирани на сателитски набљудувања преку програмата „Коперникус“ (Copernicus), во 2024 година во Македонија се регистрирани 97.660 хектари изгорена површина, што претставува највисоко ниво во последната деценија и повеќе од вкупната изгорена површина регистрирана во претходните шест години заедно.
Според податоците на ЈП „Национални шуми“, во периодот 2023 - 2025 година евидентирани се 82.714 хектари изгорена површина, 914.657 м³ изгорена дрвна маса и штети во износ од 133.663.967 евра, при што само во 2024 година штетата изнесува 83.121.333 евра.
Слабостите и потребата од реформи во системот за заштита и спасување се констатирани уште со скринингот спроведен од ЕУ преку Европскиот механизам за цивилна заштита во 2018 година, но до денот на ревизијата, иако се преземени повеќе иницијативи, реформите не се спроведени.
ДЗР констатира дека не е донесена национална стратегија за заштита и спасување како стратешки документ за дефинирање цели и приоритети, при што последната е со важност до 2018 година.
-Изготвена е нацрт-стратегија за периодот 2026 - 2030 година, која не е усвоена, а не е донесена и годишна програма за заштита и спасување за спроведување на стратегијата. Дополнително, планот за заштита и спасување на Републиката не е ажуриран, а воедно во ревизијата не е презентиран доказ дека е усвоен од страна на Владата. Процената на загрозеност од природни непогоди и други несреќи на територијата на Републиката е донесена во 2007 година, таа не е ажурирана во согласност со новите ризици и современите услови. Исто така, не е донесена нова методологија за содржината и начинот на проценување на опасностите и планирањето на заштитата и спасувањето - велат од ДЗР.
Ревизорите констатирале дека отсуството на стратешки документи придонесува за недостиг на јасно дефинирани приоритети, насоки за развој и сценарија за дејствување, што влијае врз начинот на управување со ризици и катастрофи.
-Системот предвидува постоење републички и просторни сили за заштита и спасување, со јасно дефиниран модел на постапност (сопственик - општина - Република - меѓународна помош).
Оперативните сили се соочуваат со недоволна пополнетост со човечки ресурси, недостиг на опрема и отсуство на механизми за следење на нивната ефективност, се наведува во соопштението.
Како пример е наведена Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, која е одговорна за заштита и спасување на речиси 617.000 жители на површина од 1.818 квадратни километри. Во 2024 година бригадата реализирала 1.412 интервенции по пожари и 161 техничка интервенција.
Од 384 систематизирани работни места за пожарникари, пополнети биле само 172. Утврдена е и застарена противпожарна опрема, што, според ревизијата, влијае врз оперативната подготвеност и ефикасноста.
ДЗР укажува и дека планинското спасување не е законски уредено како дел од оперативните сили во системот за заштита и спасување.
Ревизорите утврдиле дека системот за заштита и спасување се финансира од Буџетот на државата и буџетите на ЕЛС, но без воспоставен модел на финансиска одржливост преку сопствени приходи, долгорочно инвестициско планирање и поефикасно користење на донаторските и меѓународните средства.
-Во периодот 2022–2024 година, за противпожарна заштита се обезбедени вкупно 2.233.503 илјади денари, од кои 1.409.390 илјади денари од наменски дотации од Буџетот на Републиката и 782.898 илјади денари од буџетите на ЕЛС, додека средствата од донации изнесуваат 11.115 илјади денари. Од вкупните средства, 98,5% се насочени кон тековни расходи, за плати и надоместоци, а само 1,5% на капитални расходи, што ограничува простор за модернизација, набавка на опрема и возила и зајакнување на оперативната подготвеност. Воедно, наменските дотации за ТППЕ во Буџетот за 2026 година се зголемени од 525.526 илјади денари во 2025 година на 1.000.000 илјади денари во 2026 година, односно за 90,3%, се наведува во соопштението.
Ревизиорите констатирале и недоволната опременост, недостигот на обучен кадар и не унифицираниот пристап во организацијата и финансирањето кај противпожарните единици влијаат на нивната реална оперативна подготвеност.
Со ревизијата утврдени се слабости и во управувањето со воздушните сили за справување со шумски пожари, во делот на човечките ресурси, логистиката и набавките, што влијае врз економичноста, ефикасноста и ефективноста и не обезбедува доволна оперативна подготвеност за навремено справување со пожари и други катастрофи.
-Анализата на трошоците за воздухопловите покажува дека во периодот 2023–2025 година за сервисирање, набавка на резервни делови и осигурување на воздухопловите се потрошени вкупно 149.905 илјади денари. Притоа, во 2023 и 2024 година годишните трошоци изнесувале 59.517 и 59.608 илјади денари, што претставува 7,4% од проценетата вредност на воздухопловите во износ од 801.722 илјади денари, односно по 3,7% за сервисирање и 3,7% за осигурување, се наведува во соопштението.
Во управувањето со материјалните средства во Дирекцијата за заштита и спасување, со ревизијата утврдени се значајни слабости.
Дирекцијата, како што велат од ДЗР, располага со над 30 магацини по подрачни одделенија без воспоставен интегриран систем за материјална и финансиска евиденција, со недостиг на магационери и соодветни контроли. Не е извршен целосен попис и усогласување на состојбата ниту е обезбедено следење на движењето на средствата.
Вредноста на евидентираните средства од 6.592.870 илјади денари во 2024 година се намалила на 3.833.441 илјади денари во 2025 година, односно за 41,9 отсто.
Според ДЗР, системот за управување со кризи функционира претежно реактивно, преку постепено активирање на ресурсите од локално кон национално ниво, при што во услови на недоволни локални капацитети се прогласува кризна состојба и се ангажираат ресурсите на Армијата, Министерството за внатрешни работи и меѓународната помош.
-Во 2024 и 2025 година повеќекратно се прогласувани кризни состојби поради пожари, што укажува на недоволни капацитети за ефикасно справување со катастрофи. Воедно, не е воспоставен систем за анализа, следење и оценка на ефективноста на делувањето на силите за заштита и спасување, а во Годишните извештаи за работењето на ДЗС не се обезбедуваат доволно информации за функционирањето на системот, се посочува во соопштението.
Како позитивен пример, ревизијата ја издвојува Општина Охрид и Планинската спасителна служба на Црвен крст Охрид, каде е воспоставена функционална организација, координација и оперативна подготвеност, со обезбедено финансирање, човечки ресурси и обучени спасувачи согласно меѓународните стандарди.
Ограничени капацитети се констатирани и кај инспекцискиот надзор. Годишно се реализираат меѓу 1.168 и 1.369 надзори со само 14 до 17 инспектори.
-Во февруари 2026 година ДЗС доставила информација до Владата во која е укажано дека со постојниот начин на работа и просечно извршување на околу 1.300 надзори годишно, би биле потребни приближно 55 години за контрола на сите правни субјекти. За редовен и контролен инспекциски надзор еднаш годишно, согласно проценката на ДЗС, потребни би биле 322 инспектори, при 72.181 активни претпријатија, велат од ДЗР.
Во насока на надминување на утврдените слабости, ДЗР препорачува спроведување на реформи за воспоставување интегриран и функционален систем за заштита и спасување, преку донесување на Национална стратегија, јасна нормативна рамка, стабилно финансирање, зајакнување на капацитетите и воспоставување ефикасен систем за мониторинг и надзор.
МИА
Ново на Сител
-

Мицкоски во Генералното собрание на ОН: Со гордост ја претставуваме Македонија на местото каде што се носат важни одлуки
-

Заминал на работа и исчезнал, неколку часа подоцна пронајден мртов на стадион со моторна пила до него
-

Македонските земјоделци произведуваат повеќе со помалку земја
-

Тројца убиени и 10 повредени во Дњепар во повеќе руски напади во текот на ноќта
-

Раѓањата во Грција за 15 години се намалиле за 42 отсто
-

ДЗР: Зголемени ризици од катастрофи, но недоволна подготвеност на системот за заштита и спасување
-

Уапсен крадец од Куманово баран по потерница за издржување затворска казна
-

Над 10.000 сообраќајни прекршоци за четири месеци – одземени 423 мотоцикли и тротинети
