Џафери планира гласање за уставни кога ќе има мнозинство, Мицкоски вели дека тоа е обид за подолго да останат на власт
Уставните измени ќе се гласаат одложено, односно тогаш кога власта ќе обезбеди 2/3 мнозинство. Собранискиот спикер Џафери вели дека расправата која ќе почне на 18 август ќе трае 10 дена, но нивното гласање не е врзано со последниот ден од расправата.
-Тоа е процедурата и тоа се роковите по кои се раководиме. Чинот на гласање не е врзан со денот последен, така што, затоа да се има јасност по однос на постапките. Тоа го предвидува и Деловникот, тоа го предвидува и покажува и праксата од слични иницијативи за уставни измени. Затоа што Собранието одлучува доколку има потребно мнозинство за одлучување. Така што, во тие рамки не можам да претпоставам што ќе се случува, како ќе се случува..., вели Џафери.
Според првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, на власта јасно им е дека 2/3 мнозинство нема, па сега борбата била како да се пројде август, бидејќи владата е под притисок за избори на есен.
Мицкоски повтори дека опозицијата нема да гласа за уставни измени, но вели дека неговата партија допрва ќе одлучува како ќе дејствува во Собранието.
-Дополнително ќе ја утврдиме стратегијата, но да, ќе бидеме присутни на самата седница. И она што знам сигурно, е дека ќе гласаме против тој дневен ред кој ќе ја вклучува точката за потребата на отворање на Уставот. Тоа ќе гласаме против, но за натамошниот тек од седницата дополнително ќе се координираме со пратениците, вели Мицкоски.
Според процедурата, пред седницата треба да се организираат јавни и стручни расправи кои подоцна ќе бидат доставени до Собранието.
Седницата е закажана за 18 август по што пратениците ќе имаат најмногу до 10 дена за расправа за уставните измени.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
