Џафери најавува долга дебата за измените во Изборниот законик
Измената на Изборниот законик за воведување на една изборна едница преку јавна дискусија нема да биде брз процес, вели собранискиот спикер Талат Џафери.
И покрај тоа што поголемо мнозинство од пратениците се за една изборна едница, а и Изборниот зкаоник и досега се менувал без согласност на сите партии, Џафери вели дека за овие измени сепак ќе биде потребен консензус.
„Конзензус е потребен бидејќи се работи за измени на изборниот модел, а во такви околности со општ консензус е воведен и тековниот изборен модел“, коментира Џафери.
Тој, повикувајќи се на Деловникот, објасни дека заклучокот на Комисијата за политички систем да се организира јавна дискусија за една изборна едница треба да биде потврден и на пленарна седница.
Потоа, матичното работно тело треба измените на изборниот законик да ги објави во пишан медиум заедно со рок во кој експерти, партии или невладини ќе достават свое мислење и предлози. Овој рок, според Џафери е околу 30 дена.
На крај, согласно ваквите предлози се прави извештај и предлог амандмани на измените за тие да одат на конечно на гласање пред пратениците.
Во меѓувреме парламентот е со набиена агенда.
Пред пратениците денеска се три собраниски седници. Слична ситуација беше и вчера. Се работи за седници кои започнале уште во јули минатата година, а според собранискиот спикер Талат Џафери тоа е поради неажурност на собраниските комисии.
И додека пратениците работат на заостанати седници, опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара да се закаже нова седница за нивните предлози за намалување на акцизата.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
