Двојни избори можни после Велигден - Власта и опозицијата уште не седнале на иста маса
Не 5 мај – недела, туку 8 мај среда би бил евентуалниот датум кога би се одржале заедно вториот круг од претседателските избори и редовни, но рани парламентарни избори. 5 мај, иако влегуваше во калкулациите на собранискиот спикер Џафери како единствен рок за заеднички избори, би бил поместен за 2 дена бидејќи се поклопува со Велигден. Гласање на овој голем христијански празник е неприфатливо и за власта и за опозицијата. Во таков случај, средата би била прогласена за неработен ден, а ќе има и доволно време за инаугурацијата за новиот шеф на државата на 12 мај.
Но, ова се неформални калкулации што ги прават партиите, иако формално за нив не се говори. По три дена откако Ковачевски и Мицкоски јавно потврдија дека меѓупартиска работна група во парламентот ќе ги договара можните датуми за претседателски и парламентарни избори партиските тимови се уште не исконтактирале, ниту пак, седнале на заедничка маса.
„Нема засега ништо“ е кусата порака која ја добивме од координаторот на СДСМ Митрески.
Опозицискиот координатор Мицевски,пак, вели дека засега не се контактирани, но чекаат тоа да се случи. Иако нивниот тим не е оформен потврдува дека тој ќе биде дел од него.
За учество во работна група и брзи избори се изјаснија и од партијата на Изет Меџити.
Избори што поскоро побараа и од коалициските партнери на Меџити – касами и Гаши.
Датумите за избори, иако се надлежност на собранискиот спикер, не биле тема ни на денешната редовна координација кај Џафери. Таму единствено бил потврден записникот од претходната координација на која Џафери согласно Уставот и Изборниот законик дал одредени датуми меѓу кои е 5 односно 8 мај. Краен рок за редовните парламентарни избори пак, е ставен 14 јули.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
